Јаневска: Македонија е на дно според резултатите од ПИСА, ова е резултат на лошата состојба во општеството, но по изборите ќе почнеме веднаш со работа
ПИСА тестирањето за 2022 година покажува катастрофални резултати. Или Македонија е на дното на ранг листата и во конкуренција со земјите од т.н. трет свет, рече Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во Тема на денот што се емитува во централниот Дневник на телевизија Сител.
Јаневска посочи дека од вкупно 81 земја кои биле дел од тестирањето, се наоѓаме на 71 место во читање со разбирање, на 68 место по знаења од областа на природните науки и на 61 место по постигањата во областа на математиката, или ова е многу ниско ниво на знаење кај учениците.
Според Јаневска ова е резултат на целокупната состојба во општеството.
„Знаете какво ни е општеството, такво ни е и образованието. Не може многу да се очекува од образовниот систем и од сите вклучени во истиот во овој момент сега затоа што гледате каква е состојбата во општеството, во сите области“, рече Јаневска.
Јаневска посочи дека работите ќе може да се поправат само ако има соодветни обуки за наставниот кадар, ако има навреме учебници.
„Се прават обуки за наставници, но обуките треба да се соодветни да се како оние во современиот свет. Потребна е реформа и на наставничките факултети, значи на Педагошката академија. Дополнително на вака лошата ситуација влијае и фактот што нема учебници. Можеби ќе дојде момент кога нема да е потребен учебник, ќе се учи онлајн, но сега не е тој момент кај нас. Катастрофа е што нема учебници“, кажа Јаневска.
Сепак, додаде Јаневска, на оваа ситуација и се гледа крајот. Таа посочи дека наскоро ќе има избори и промена на власта и ќе почнат работите да се менуваат.
„Останаа уште неколку месеци до промена на власта, потоа ќе почнат разговори за промена и подобрување на образовниот систем, ќе мора да се работи на квалитет на образовниот систем и тоа ќе го сториме“, заклучи Јаневска.