СТРАВИЧНА СНИМКА ОД КАМЕРИТЕ: Полициски инспектори од Охрид се борат за живот, на кружен тек покосени од автомобил кој помина низ нив (ВИДЕО)
Порталот Охрид скај објави вознемирувачко ексклузивно видео до кое дошла редакцијата, кое покажува дека на 17 декември 2023 година, во 00:40 часот, на крстосницата на булеварот Железничка со улицата Будва во Охрид се случила сообраќајна несреќа, во која се повредени две лица.
Незгодата, како што пишува Охрид скај, се случила помеѓу патничко возило марка „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, управувано од страна на 48-годишно лице од Охрид и патничко возило „форд“ со охридски регистарски ознаки, сопственост на МВР, управувано од 37-годишно лице од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двете лица во возилото „форд“, пишува Охрид скај.
Увид на местото на незгодата извршиле јавен обвинител и полициски екипи, а возачот на „мерцедесот“ бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 300 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на МВР.
„Двете лица кој се наоѓале во возилото ‘Форд’ сопственост на МВР имаат тешки телесни повреди – возачот има фрактура на 7 ребра, пнеуаторакс, набиеници и се наоѓа на Клиниката за торакална хирургија во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Совозачот во возилото ‘форд’ се здобива исто така со тешки телесни повреди – фрактура на 12 и 13 пршлен, набиеници по цело тело, повреда на десно око. И двајцата полициски службеници имаат животнозагрозувачки повреди“, пишува порталот.