Родителите на ученици од ОУ „Тодор Јанев“ на протест, бараат оставка од директорката за насилно отворена албанска паралелка
Со полиција, свирежи и барање за оставка и беше посакано добредојде на директорката на ОУ „Тодор Јанев“ од општина Чашка. Родителите револтирани и гневни за како што велат “насилното” формирање на албанска паралелка во училиштето. Го обвинуваат министерот за образование Јетон Шаќири, но и директорката на училиштето, затоа што дала зелено светло за да се формира оваа паралелка. Според родителите ова е неприфатливо и незаконски, бидејќи училиштетo според статутот е само за настава на македонски јазик, и во населено место со Македонци, а во кое според лична карта на родителите нема регистрано ниту еден жител на албански мајчин јазик.
“Албанската паралелка е само производ на сите незаконски работења наназад од в.д директорката а поддржана од МОН. Сите тие работи се случуваат како што споменаа, дека се прекршени статути, закон за орагнизација, промена за систематизација и најосновно коренот на проблемот е тоа што се се почна без училишен одбор” изјави Цвета Пешовска, родител.
“Ние советот на родители, и граѓаните на Чашка се надеваме дека во најкус временски рок ќе се најде излез од ситуацијата во која се наоѓаме и трае, а пред се трпат нашите деца” вели Весна Димовска.
Реагираат и вработените кои откриваат дека поради новата паралелка на ученици од албанска нациналност затворени се просториите во училиштето кои досега служеле како интернат за дечињата од соседните села.
Директорката на училиштето за Алфа вели дека имало основ за формирање на алабанска паралелка. Таа тврди дека поради неправилности во работењето на училиштето изминатите години, МОН и ги одземал ингеренциите на општина Чашка за управување со училиштето.
ИЗЈАВА: ЕЛЕНА НИКОЛОВА – В.Д ДИРЕКТОРКА НА ООУ „ТОДОР ЈАНЕВ“ – ЧАШКА
“Јас не разбирам зошто е бојкотот, не треба да правиме етничка поделба јас не гледам никаков основ за ова. И тие дечиња кои што тврдат дека не припаѓаат овде, тие деца живеат тука. Да можеби треба да учат во училштето на албански јазик, но тоа е во село Јаболчиште одалечено 50-тина километри од тука” вели в.д директорката Елена Николова.
Од ресорното министерство велат дека МОН се заложува за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен.