На сметките за струја ќе има нова ставка – пристап до мрежа
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски за „Независен“ открива дека во сметките за електрична енергија се подготвува нова ставка, Пристап до мрежа, која ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, како што уверува, тоа нема да ги зголеми сметките, или тоа ќе биде незначително, а истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.
Порано, ние определуваме една сума пари, го велиме приход. Цената ја добиваме кога приходот го делиме со количината. На пример, ако приходот бил 100 единици (100 денари) и ако количината била пет, добиваме цена од 20 парични единици. Сега ова пет ни се намалува на четири, но приходот е ист. Кога 100 ќе го поделиме со четири, добиваме 25 парични единици, односно зголемување само врз основа на ова. Трошоците им се исти, ништо не сме зголемувале таму. И ова не е правично. Тие што поставиле фотоволтаици на крововите си помогнале, но не треба да ги казниме оние што не поставиле. Ниту тие треба, поради тоа што се намалила потрошувачката, да плаќаат повеќе. Поради тоа во рамки на одобрениот приход ќе воведеме ставка Пристап кон мрежа. Притоа, не ги менуваме гарантираните парични единици приход, туку ќе направиме правична распределба. Тие што поставиле фотоволтаици на покривите ќе плаќаат одреден износ за пристап кон мрежа, што ќе биде фиксен надоместок. За компаниите фиксниот надоместок нема да биде голем, тоа се поголеми потрошувачи каде што има мерење на моќноста. Зборуваме за суми од 20-ина, 25-30 евра месечно, ќе видиме колку. Но, за сметка на тоа ќе им се намали цената за моќност. Значи, ние нема ништо да зголемиме, на пример, ако одиме со 20-ина евра, цената за моќност на напонско ниво Л1- Л2 би се намалила за 18 проценти, објаснува тој.
Дoдава дека исто и кај домаќинствата ќе се воведе ставката Пристап до мрежа.
Има голем број домаќинства каде што нема потрошувачка, или кои што поставија фотоволтаици. Значи, мрежата се одржува во текот на целата година. Фиксните трошоци сега ги плаќат само домаќинствата кои што ја користат мрежата рамномерно, секој месец во годината. Оние кои ја користат две – три недели во годината не плаќаат ништо. И тоа не е фер, не е правично. Плус, сега има домаќинства кои што поставуваат фотоволтаици. Тоа вообичаено се побогати категории на граѓани. Кога ќе го постави фотоволтаикот, нему ќе му се намали потрошувачката и тоа го создава овој ефект кој што ви го кажав.
Поради тоа и кај домаќинствата ќе се воведе Пристап кон мрежа, но за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Значи, не може некое домаќинство коешто не поставило фотоволтаик да плаќа за домаќинство коешто поставило фотоволтаик. Мора да зборуваме за социјална правда и за правичност. И тоа ќе го спроведеме, вели Бислимоски.