Лавров: Кукавиците избегаа, а јас уште сум во Скопје
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на денешната прес-конференција во Скопје му испрати порака на американскиот државен секретар Антони Блинкен дека како кукавица избега од главниот град на Македонија за да не се сретне со него. Избега и шефот на британската дипломатија, рече Лавров и нагласи дека тој е уште тука и по два дена и ја чувствува топлината и гостопримството на македонскиот народ. Тој се осврна и на отстапките што Македонија ги направи еднаш со привремено име, вторпат со промена на името на државата.
„Се обидоа со фотографии од вечерата да ме претстават како изолиран овде во Скопје. Но јас имав прекрасна вечера со македонски вина и јадења и бев присутен на утринското официјално отворање на собирот на ОБСЕ. А немаше лица од Украина и Балтичките држави, ниту пак беа Блинкен и Камерун, ниту Борел. Тие се само кукавици кои направија обид да ме изолираат“, рече Лавров.
„Македонското претседателство со ОБСЕ одбра добар слоган дека се работи за луѓето. Верувам кога велиме за луѓето, но за сите граѓани и за тие кои не се наши граѓани. И за нашите граѓани во Естонија и Латвија. Има четири лица кои ги водат структурите за човекови права и гледам голема нервоза кај нив. Не ми е грижа за нивните стравувања за мандатите. Важно е дека се кршат принципите на човековите права“, рече Лавров.
На прашањето за уцените од Бугарија кон Македонија во однос на евроинтеграцијата, Лавров рече дека не е стручњак за односите меѓу Македонија и Бугарија.
„Македонските граѓани имаат целосно право да делуваат рамноправно на нашиот заеднички континент. И ако даваме генерална оценка не само за односите со Бугарија, туку и на Балканот, би рекол дека на овие проблеми лежи однесувањето на Западот, кон поранешните југословенски држави, па и односот кон Словенија и Полска.
Знам дека имате тешкотии, имавте понижувачко име БРЈМ, знаеме и за името Северна, знаеме дека немате територијални претензии кон Грција и Бугарија. Но, самите треба да одлучите. Претседателот на македонското собрание сликаше албанско знаме на едно седиште во парламентот. Ги охрабрувам етничкитге групи на Балканот да живеат мирно и да не се приклучуваат кон западни санкции против Рујсија. Западот сака да ги подбуцнува народите против Русија. Народите на Балканот минаа тешки времиња, имаат заеднички код и не смеат да дозволат да бидат насочени едни против други. Во БиХ видовме дека три народи можат заедно да живеат.
Имаме пријателски чувства кон Македонија. Го гледам вашиот народ и ја чувстувам нивната топлина кон нас.
Сум бил и во Охрид. Фантастичен град. Се чувствував дека сум поблиску до Бога“, рече Лавров во еден дел од својата долга прес-конференција во Скопје.
Тој потоа нагласи дека ОБСЕ е во колапс и дека безбедноста на континентот е нарушена.
„Ние имаме цврсти докази дека западните држави не извлекле поуки, туку ги користат полугите на ОБСЕ за да ја обвинат Русија и да воведат санкции кон нас. Ние бевме единствениот глас на разумот дека ОБСЕ е формирана заради соработка за безбедност. Се е уништено во политичката сфера, се одбива да се усвои конвенција за оружјето, како и бројни договори за постигнување на безбедност и стабилност и намалување на оружјето на европската сцена“, рече Лавров.
Тој оцени дека Западот деструктивно делува и не ги почитува носечките начела на Организацијата.