Зошто ДУИ НЕ ГО САКА СПАСОВСКИ КАНДИДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ на државата?

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се споменува како еден од можните кандидати на владата за претседател, па дури се смета дека тој започнал и еден вид кампања за да биде промовиран за претседател, пишува Журнал.

Спасовски е „хиперактивен“ во последните месеци со активности, а во голем дел од нив е придружуван од значајни западни дипломати во Скопје, што од дел од јавноста се гледа и како сигнал дека меѓународната заедница, ако не сите, значителен дел го поддржуваат актуелниот министер за внатрешни работи како следен претседател.

Но, се поставува прашањето зошто ДУИ не го поддржува Спасовски, ако информациите кои кружат во медиумите се точни?

Според „Журнал“ една од причините може да биде што функцијата министер за внатрешни работи Албанците се уште ја гледаат како функција во негативен контекст, без разлика кој ја извршува. Затоа ДУИ може да има стравови и сомнежи дека ако поддржат министер за внатрешни работи, тоа може негативно да се одрази и на нив, уште повеќе кога следните претседателски избори ќе се одржат во ист ден со парламентарните избори.

ДУИ на почетокот на мандатот многу ги влоши односите со актуелниот претседател Стево Пендаровски, поради назначувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање. Сепак, оттогаш поминаа пет години и јавноста во голема мера ја заборави оваа иритација. Од друга страна, иако има спротивставени ставови за тоа дали Пендаровски бил или не добар претседател, поголемиот дел од албанската јавност се уште има впечаток дека тој е коректен политичар во однос на  Албанците и како таков се подразбира дека е полесно да се биде поддржан од албанска партија, пишува Журнал.

Додека Спасовски е меѓу последните министри во Владата што се уште преживува како (некогаш) близок човек на поранешниот премиер Зоран Заев. Со оглед на тоа дека ДУИ ги влоши односите со Заев, поради информациите дека тој и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски еден период разгледувале плановите за формирање влада без ДУИ, тогаш најверојатно партијата на Али Ахмети е заинтересирана за колку што е можно повеќе да се „исчисти“ СДСМ од кадрите на Заев кои излегуваа со максимата „ДУИ во опозицијата“ и во функција на тоа е и неподдржувањето на Спасовски. Самиот Спасовски во последно уште повеќе ја истакна својата блискост со Заев, остварувајќи неколку средби, меѓу кои и заедничката средба во седиштето на СДСМ со претседателот на оваа партија и премиер Димитар Ковачевски.

 Првично се мислеше дека станува збор за средба за помирување, но подоцна беше објавено во медиумите и никогаш не се демантираше, дека всушност на оваа средба Заев изразил незадоволство од политиките на СДСМ, предупредувајќи го раководството на партијата да се „опамети“, бидејќи во спротивно може да излезе јавно и да се произнесе против нив.

Сепак, голема е веројатноста албанските партии во вториот круг да одлучат кој претседателски кандидат ќе го поддржат, со оглед на тоа што во првиот круг ќе имаат свои претседателски кандидат. Ова официјално го соопштија од опозицискиот фронт кој ќе влезе во трка со заеднички кандидат, а по инерција  можно е ДУИ и АА ќе бидат принудени да излезат со свој кандидат.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.