Социјалистичка партија на Македонија: Ковачевски треба да одговори за вечерниот белградски хир, насловен како македонска вечер, а платен со пари на осиромашениот и гладен народ
Социјалистичката партија на Македонија изразува сериозна загриженост за состојбата и однесувањето на македонските државни претставници на саемот Винска визија на отворен Балкан во Белград. Жално е што личните фрустрации, комплекси и невоспитување на очиглед на јавноста се лечат со организирани настани финансирани со буџетски средства за што се отвараат повеќе прашања.
Патем, се очекува Владата конечно да собере храброст и да го објави начинот, намената и изворот на 400 илјади евра колку што минатата година се потрошени на винскиот саем, а веќе има потреба да даде одговор и за тековниот.
За овогодишниот Саем македонските владини вински дегустатори предводени од распеаниот Ковачевски потребно е да одговорат за вечерниот белградски хир за неколку стотини поканети, насловен како македонска вечер, со неколкумина специјално ангажирани готвачи, хостеси и повеќе илјади литри допремено македонско вино. Сето платено со пари на осиромашениот и гладен народ.
Јавноста секако треба да знае врз која основа, со која и каква постапка е ангажирана агенцијата која ја организира вечерата и врз која основа авансно и се исплатени почетни 80 илјади евра.
Особено е потребно јавноста да знае зошто и како токму Секретаријатот за европско прашања е носител на овие активности и страна која ја извршила исплатата. И воопшто која е обврската на СЕП да организира скандалозни мега вечери и дали воопшто има обезбедено наменски средства за таа цел.
Јавноста се прашува дали, на кој начин и со која постапка Министерството за земјоделство избрало оператор и склучило договор за автобуски превоз и сместување во Белград за триесетина македонски новинари. И дали воопшто постоела можност за отварање постапка.
Исто така Министерството за земјоделство и самиот министер Николовски потребно е да и дадат одговор на јавноста за начинот на изборот на операторот и за висината на трошоците за организација на пригодниот коктел и специјалната вечера за стотина наводно битни личности од винскиот сектор.
Како, кога и дали воопшто е спроведена јавна набавка, со кои средства и од кои извори ќе се изврши плаќањето.
Додека македонските земјоделци немоќно ги очекуваат со години неисплатените субвенции мнинистерот ги троши земјоделските пари за лични задоволства и за потребите на фирми и лица кои постојано го измамуваат и го ограбуваат чесниот земјоделски труд.
Владата и Министерството за земјоделство должни се да дадат одговор за бројноста на нивните делегации, оправданоста за присуство на секој од нив и износот на потрошените средства за превоз, сместување и дневници.
Социјалистичката партија на Македонија и укажува на јаноста и на надлежните институции дека овие денови од страна на однародената Влада на СДС и ДУИ се случува криминално рафрлање на буџетските средства и безмилосно трошење на народните пари во износ од најмалку 700 илјади евра без никакво почитување на законските обврски за јавни набавки и со очигледно ненаменско трошење.
Во Владата, СЕП и Министерството за земјоделство во серија се извршени криминални дејствија кои мора и ќе бидат предмет на истрага и одговорност.
(Интегрален текст од соопштение на СПМ)