„Македонија нема прогрес во владеење на право, СЕ ЗГОЛЕМУВААТ СЛУЧАИ НА КОРУПЦИЈА НА ВИСОКО НИВО“
Нема напредок во владеење на правото, нема напредок во борбата со корпуција, а случаите на корупција на високо ниво само се зголемуваат. Ова го изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на презентацијата на Извештајот на Европската комисија за Македонија.
Гир смета дека извештајот е искрен и правичен и доаѓа во контекст кога има значајна динамика во однос на проширувањето.
Тој додава дека се искажува загриженост во врска со политичката поларизација, особено во гласањето на реформите.
– Процесот за проширување во ЕУ бара консензус за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна, некогаш и непотребна употреба на ЕУ знаменцето. Има злоупотреба на знаменцето за Кривичниот законик и за законите за коридорите 8 и 10д. Во владеењето на правото не е забележан прогрес. Се забележува недостиг на доверба кон судиите, но и разрешувањето на екс претседателката на судскиот совет. Повикуваме да се усвојат препораките, а потсетуваме и на препораките од претходните години кои не беа имплементирани, рече Гир.
Гир изрази сериозни забелешки за корупцијата.
– Борба со корупција, не е забележан напредок. Забележуваме случаи на корупција на високо ниво кои се зголемуваат. Тоа резултира со застарување на делата, што предизвикува голема загриженост. Извештајот ја пофали работата на ДКСК и ДЗР, но повикува препораките да се следат од страна на двете. Има ограничен напредок кај државната администрација. Условите во затворите се уште се лоши, особено во Идризово. Извештајот повикува посебни напори да се вложат во промовирање на недискриминација. Извештајот изразува и сериозна загриженост во врска со антиродовите кампањи, изјави Гир.
Гир рече дека Македонија треба да ги искористи можностите.
– Извештајот е на 120 страници и е многу сеопфатен. Севкупно, извештајот во врска со политичките критериуми, ја поддржува државата да продолжи, рече тој.
Евроамбасадорот се осврна и на уставните измени велејќи дека односите со Бугарија се исклучиво во рацете на Македонија.