Како автопатот Кичево-Охрид СТАНА НАЈСКАП ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Кога ќе се собере вредноста на договорот за изградба, анексот, договорите за репроектирање, надзор и за дополнителни услуги, според податоците што ги обезбеди „Фокус“, произлегува дека овој проект досега на хартија чини над 621 милион евра, односно 1 километар достигнува речиси 11 милиони евра, без притоа да се опфатат и трошоците по основ на експропријација.

Фокус, 30 јуни 2022:

Автопатот Кичево – Охрид беше најавуван како најголемата инфраструктурна инвестиција во земјава, која првично требаше да биде реализирана до 2019 година и да чини 411 милиони евра. Меѓутоа, како што пишуваше „Фокус“ ланската година, кога ќе се соберат договорите и анексите за изведба, надзор и репроектирање, оваа делница од 57 километри веќе чини над 620 милиони евра, или речиси 11 милиони евра по километар. Сепак, деновиве беше соопштено дека нема да биде испочитуван ниту последниот рок за комплетирање на трасата до крајот на годинава, што значи дека пак ќе се пробива и временската рамка и финансиската конструкција. Во меѓувреме, застаре и предметот „Траекторија“, кој се однесуваше токму за постапката за овој проект, за кој своевремено објавените „бомби“ покажаа дека е коруптивен.

„Ако сакате да дојдат странските инвеститори, најважна е инфраструктурата за транспорт“, порача нобеловецот Пол Кругман за време на неговата неодамнешна посета во земјава, по повод учеството на Скопскиот економски форум.

Пред да ја упати оваа порака за неопходноста од амбициозна инфраструктурна агенда, единствениот пат што го поминал Кругман е, всушност, патот од Скопје до Охрид, вклучително и делот каде што се гради фамозната автопатската делница од Кичево од Охрид.

Станува збор за траса долга 57 километри, која е предвидена да биде со две ленти и банкини, 6 натпатници, 13 потпатници, 22 мостови – вијадукти, како и тунел под планинскиот превој Пресека долг речиси 2 километри.

Инаку, изградбата на овој автопат почна во веќе далечната 2014 година, кога тогашните власти најавија дека се работи за најголема инфраструктурна инвестиција во историјата на државата, која, според нив, требаше да биде реализирана до 2019 година и да чини околу 400 милиони евра.

–Во сите изминати години градевме многу патишта и објекти, но ниту еден од тие проекти не беше ни приближно вреден според износот на инвестицијата колку што е изградбата на овој автопат – изјави поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој го удри камен-темелникот за изградба на автопатот.

Арно ама, автопатот сѐ уште не е завршен, а првичната финансиска рамка е веќе длабоко пробиена, со оглед дека проектот ќе чини над 200 милиони евра повеќе од предвиденото, со можност оваа сума уште повеќе да порасне, ако, се разбира, се случат нови непланирани работи.

И, додека опозицијата ја обвинува власта дека е неспособна и некадарна да го менаџира процесот за изведба на автопатската делница, од власта неколку години наназад се правдаат дека сите проблеми околу автопатот се резултат на лошиот проект што им бил оставен од нивните претходници.

–Мора да знаат граѓаните дека цела траса е промашена, проектот и она што е вистинската траса – говореше поранешниот премиер од редовите на СДСМ Зоран Заев набргу по преземањето на власта.

Во меѓувреме, Заев си замина од политиката и на негово место дојде Димитар Ковачевски, но и новата влада под негова палка остана на тврдењата дека коренот на проблемите лежи во лошиот проект што им го оставила претходната власт.

Конкретно, од таму посочуваат дека првичниот проект бил со промашени и нецелосни геомеханички испитувања, лошо проектирани косини, усеци и тунели, воопшто не биле проектирани клучки, а проектот минувал и над резервоарот за вода на Кичево.

–Проектната документација нема врска со реалноста на терен. Ова е најкатастрофалниот проект што претходната ѝ го остави на оваа влада – рече во една пригода поранешниот министер за транспорт и врски на СДСМ, Горан Сугарески.

Настрана меѓусебните обвинувања на политичко ниво, она што ја интересира јавноста е кога овој автопат ќе биде завршен и колку на крајот ќе чини? Што велат официјалните информации?

АНЕКСИ И ДОГОВОРИ

Според информациите што ги добивме од Јавното претпријатие за државни патишта на чело со директорот Ејуп Рустеми, кое се јавува во својство на инвеститор во проектот, основниот договор изнесувал 411,2 милиони евра. Но, досега биле склучени и 5 анекси кон договорот.

Од сите анекси со кинеската компанија „Синохидро“, која е изведувач на проектот финансиран од кинеската „Ексим Банка“, на тој принцип што половина од работите им ги препушта на македонски подизведувачи, само еден анекс предвидува дополнително задолжување и нови пари за завршување на проектот.

Имено, првиот анекс се однесува само за продолжување на рокот на изведба, додека со вториот анекс-договор се овозможува искористување на преостанатите средства од основниот договор по неопходен редослед на изведување на работите и оформување функционални целини, сѐ до обезбедувањето дополнителни средства.

Дури третиот анекс се однесува за дополнителни работи за целосно завршување на проектот, поради што се предвидува задолжување со нови 186,7 милиони евра, со што, впрочем, вредноста на автопатот во делот на изведбата достигнува 598 милиони евра.

– По една година домаќински преговори, успеавме да направиме заштеди од 95 милиони евра. Ако се продолжеше со реализација на договорот по старите цени, дополнителните работи би чинеле 282 милиони евра – говореше своевремено поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, обидувајќи се трошењето да го претстави како штедење.

Исто така, склучени се уште два анекси, со тоа што со последниот, петти анекс се продолжува рокот за реализација до истекот на 2023 година, кој моментално е последен важечки рок во кој треба да се доврши автопатот, чија вредност досега достигна речиси 600 милиони евра.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека реалната вредност на овој проект е поголема, кога ќе земат предвид податоците што ги обезбедивме од ЈП за државни патишта во врска со трошоците за надзор и репроектирање.

Поточно, основниот договор за надзор на изградбата на автопатската делница изнесува 10 милиони евра, но, според информациите со кои располагаме, склучен е и договор за дополнителни услуги што не се опфатени во основниот договор за надзор, чија вредност изнесува 3 милиони денари.

Дополнително, за комплетирање на проектната документација потрошени се уште 2,2 милиони евра, додека за надзор над комплетирање на градежните работи на автопатската делница е склучен уште еден договор од цели 8,2 милиони евра.

Па, кога ќе се собере вредноста на договорот за изградба, анексот, договорите за репроектирање, надзор и за дополнителни услуги, произлегува дека овој проект досега на хартија чини над 621 милион евра.

Оттука, еден километар достигнува сума од речиси 11 милиони евра, без патем да се опфатат и трошоците по основ на експропријација на приватно земјиште низ кое минува трасата.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.