Извештајот на ЕК е одраз на реалноста, со власт полна со криминал и корупција Македонија е се подалеку од ЕУ

Извештајот на ЕК за 2023 година е доказ дека лажни се изјавите на власта на СДС и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, коментирајќи го извештајот на Европската комисија, кој покажа влошување на состојбите во Македонија. Митева посочи дека ова е извештај кој е одраз на тажната реалност, одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија. Потенцираше дека денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевски, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките.

Да одиме со ред:

Во кластер 1, делот на основите, фундаментите на ЕУ се забележани низа забелешки и тоа:

Не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, тоа е од минатата година до денес, за да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. А, замислете, го имате Османи кој не престана да се моделира како прв и единствен претседавач на ОБСЕ и воедно потроши или ќе потроши 1 милион евра за два дена за рент а кар возила, а притоа е дел од власта која не ги имплементира препораките од ОБСЕ. Класична хипокризија!

Понатаму, во делот на Собранието – се нотира недостаток на соодветно планирање, прекумерна употреба на брзи процедури, вклучително и несоодветна употреба на „европското знаменце“. Изрично е наведено дека „Знамето на ЕУ“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања. Во однос на истото, забележано е дека властите треба да се воздржат од усвојување на ад хок мерки кои не се во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди. И тука, власта на свое конто ги има безбројните примери, а како последни за потсетување на јавноста се законот за кривична постапка и законот за игри на среќа.

Дополнително, наведено е дека само ограничен напредок е постигнат за реформа на јавната администрација каде се вели, цитирам: И покрај тоа што Македонија го започна процесот пред 5 години, земјата сè уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси, која ги вклучува ревидираниот закон за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор и нови законски одредби за највисоко ниво на раководството. Пет години власт на СДС и ДУИ и се уште недонесени суштински и реформски закони.

Фрапантни се и анализите за судството.

Генерално се вели дека нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. Внимавајте: Во извештајниот период од минатата година до денес нема напредок во областа на судството. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседател на Судски совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. Усвојувањето пак на новата стратегија за реформи во правосудството доцни. Ова е судството почитувани на СДС и ДУИ кое ќе го отвореа како пупка, ова е судството за кое ветуваа генерален реизбор, а остана најголема рана на општеството и нивна алатка за политиканство, наместо за правда.

Во делот за борба против корупцијата – не е постигнат никаков напредок!

Извештајот јасно наведува дека корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Нотирано е и зголемување на одложувањата на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултирало со истекување на рокот на застареност на некои случаи. Јасно потенциран е и Кривичниот законик кој беше изменет по забрзана собраниска постапка и истото резултира со попречување на способноста на властите да ги истражуваат и гонат таквите прекршоци во иднина. Дозволете повторно да цитирам: Ова е прашање за сериозна загриженост.

Во делот на Слободата на изразување – забележан е лимитиран напредок. И нормално, сведоци сме на загрижувачки однос кон медиумите и новинарите, еден Битиќи напушта прес конференции, а друг Ковачевски некултурно се потсмева на прашања на новинари.

Најважното од делот за економските критериуми се јавните набавки каде се забележува дека властите треба да воведат поефикасни антикорупциски мерки во текот на целиот циклус на набавки. Најскандалозниот договор кој економски ќе остави трајни последици врз Македонија е нотиран јасно и прецизно и дозволете повторно да цитирам: Директното доделување на договорот за изградба на Коридорот VIII и X-d предизвикува загриженост бидејќи го ослободува проектот од примена на законот за јавни набавки. Ова е чист доказ за злоупотребата на јавните набавки, за криминалот склучен во 4 очи на сметка на граѓаните.