ДЕТЕ ОД КУМАНОВО ќе снабдува со покер автомати за државна Лотарија!
Последен договор кој Државна лотарија го има склучено месецов е за купување на апарати за коцкање. Ќе ги набавува компанија која порано работела во дејноста архитектура, со седиште во кумановско Липково. Со промената на името, адресата и дејноста, добива и нов сопственик, 19 – годишниот Фљамур Невзатовски, објави Радио Слободна Европа.
Како што пишуваат тендерот на Државна лотарија за набавка на апарати за коцкање што го добила компанијата „АП Солутионс“ тежи 204.825 евра.
Според написот, 19 – годишниот Фљамур Невзатовски е сопственик на фирмата „АП Солутионс“ кој за потребите на Државна лотарија ќе набавува лотариски терминали – апарати за коцкање.
Компанијата на Невзатовски треба да набави 95 терминали. Нивната единечна цена изнесува 126.300 денари по еден терминал.
Увидот во целокупната документација на компанијата во Централниот регистар на (17 ноември) покажува дека Друштвото за програмирање, маркетинг, трговија и услуги „АП СОЛУТИОНС ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, го добила новиот назив на компанијата на 19 април 2023 година.
Од основањето во јануари 2018 година до пред шест месеци, била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с.Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата. Променето е и седиштето на компанијата од селото Лојане, Липковско во скопски Аеродром.
Во старата фирма сопственик и управител бил Фатбард Дестани. Основачкиот влог е во вредност од 307.500 денари, но, во непарични средства. Влогот во основната главнина се состои од канцелариска опрема.
На 19 април 2023 година, со промената на името и адресата на компанијата, Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски. Веќе од 25 април, Невзатовски станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“.
Компанијата се јавува на огласот на Државна лотарија објавен на 16 август 2023 година и ја победува кумановската „Ритрон копи ДООЕЛ“, понудувајќи пониска цена за набавка на лотариските терминали. Договорот е склучен на 9 ноември 2023 година.
Во моментот кога Невзатовски го презема управувањето на „АП Солутионс“, се јавува и победува на тендерот на Државна лотарија, тој има само 19 години. На крајот на ноември, Невзатовски ќе наполни 20 години со веќе успешен старт во бизнисот.
Она што остава простор за сомнеж е моменталниот работен ангажман на 19 годишниот Невзатовски. Според информациите до кои дојде РСЕ, а се потврдиле и преку податоците на Фејсбук профилот на Невзатовски – тој е вработен во „Ритрон копи“, компанијата која била единствената конкуренција на неговата „АП Солутионс“ во борбата за тендерот на Државна лотарија вреден 204.825 евра.
РСЕ телефонски се обратиле до компанијата „Ритрон копи“ барајќи да разговара со сопственикот Артан Ајрули. Воедно, прашавме и дали лицето Фљамур Невзатовски работи во нивната компанија. Од компанијата ни посочија дека газдата е на пат во странство и прашањата ги испративме на нивниот официјален мејл.
Неполни 20 минути по телефонската и електронската комуникација со „Ритрон копи“, Невзатовски го променил идентитетот на социјалната мрежа – ставил ново име и презиме, друга фотографија и го „заклучи“ профилот за оние кои не му се пријатели