Академик Коцарев: Уверувањата дека Бугарија нема да додаде нови услови за Македонија не се оправдани, според нив Македонците и македонскиот јазик не постоеле до 1945 година

„Уверувањата дека Бугарија нема да додаде нови услови за Македонија не се оправдани, ниту очекувани: јасен е и непроменет во подолг временски период бугарскиот национален поглед, според кој Македонците и македонскиот јазик не постоеле до 1945 година.” вели Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науки и уметности, во текстот, кој го објави весникот „Нова Македонија” под наслов „Светскиот ден на науката и македонската историографија”.

Покрај другото, натаму Коцарев изнесува: Кој е македонскиот поглед, македонската национална приказна и како тие се менуваа од 1945 година до денес, особено во последните пет години? Кој е македонскиот поглед за византискиот и средновековниот период? Одговорот на овие прашања, барем во градењето и зачувувањето на македонската национална свест, е еден од двата клучни предуслова за опстојување на државата Македонија. Вториот предуслов е деполитизација на институциите и овозможување економски развој на Државата Македонија.

Сите европски нации се конструирани според една превладувачка политичка волја и историска програма. За Ернест Ренан (1882 година) поимот нација подразбира два конститутивни елемента: прво, минато, наследено историско и културно паметење, и второ, политичката волја на припадниците на таа заедница да живеат заедно во една држава. Да се сведат минатото, историската програма на една нација на содржина според барањето на друга нација подразбира разнебитување, бришење на првата нација.

Деновиве се менува македонскиот поглед за византискиот и средновековниот период, заради постигнување определени „повисоки цели”. Но уверувањата Дека Бугарија нема да додаде нови услови за Македонија не се оправдани, ниту очекувани: јасен е и непроменет во подолг временски период бугарскиот национален поглед, според кој Македонците и македонскиот јазик не постоеле до 1945 година.

Професорот Митко Панов, во својата книга „Ослепената држава. Самуил Комитопулот и неговата држава (10-11 век)”, убедливо покажа дека Самуил не бил „бугарски” цар, а Самуиловата држава не била „бугарска” држава.

Во својот текст објавен во август 2023 година во весникот „Нова Македонија” Панов заклучува: „Под превезот на политичкиот договор и билатералните протоколи со Бугарија, Самуил и неговата држава и црква се проектираат во модерната борба за средновековното наследство на Македонија, а преку историска комисија, која го легитимира политичкиот концепт за некаква замислена и измислена заедничка историја`, се користат заради идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација.“

(Дел од обраќањето на академик Љупчо Коцарев на единаесеттиот меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први” од 10 до 12 ноември 2023 година, организиран од Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Универзитетот во Болоња и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје)