Силјановска-Давкова: Од каде му произлегува правото на Груби да дејствува како менаџер на „Бехтел и Енка“

За првиот заменик-премиер Артан Груби, го гледаме како испраќа повици за вработување за приватна странска фирма „Бехтел и Енка“. Јас се прашувам дали за него важи Законот за Владата бидејќи во него во членот 8 пишува дека Владата ќе обезбеди слобода на пазарот и претприемаштвото и ќе оневозможи монополска положба, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Таа истакна дека не може министер да настапува како менаџер, ниту како портпарол, особено не со пари на граѓаните.

„Од каде му произлегува правото да дејствува како менаџер на ‘Бехтел и Енка’ со нашите пари?“, прашува таа.

Силјановска воедно ги запраша и министерката за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи што презеле против фемицидот, кој стана секојдневие и жените живеат во страв.

„Прашањето е за министерката за труд и социјална политика. Верувале или не, денеска е опасно во Македонија да се биде жена. Се зголеми насилството врз жените и девојчињата, се зголеми насилството врз новинарките, зачестија семејното насилство, убиствата, од 19 убиства за 4 години, дури 14 случаи имаме на фемицид, од бивши и сегашни партнери, сопрузи. Ги слушам министерката за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи како на разни расправи разговараат за потреба од нов институционален пристап, едукација, тренинг, кампања, всушност, си се обраќаат сами на себе. Интерсекторскиот пристап е во рацете на Владата, но и во сè уште присутната патријархална и парохијална политичка култура, дури и овде. Стравот на жртвите расте. Ги прашувам двајцата што презедоа и дали чувствуваат одговорност за фемицидот, кој стана македонско секојдневие“, рече таа.

Силјановска-Давкова го запраша министерот за правда дали не прави злосторство и казна со Законот за амнестијата и дали ги одобрил и измените во КЗ.

„Последното прашање за министерот за правда. Неговата партија ќе остане запаметена по заложбата за жестока битка со корупцијата и криминалот инспирирана од ‘Злосторство и казна’ на Достоевски кога сите министри беа наречени раскољниковци. Ама министерот за правда не се приклучи и не го видовме дури ни на корицата на Законот за измената на Кривичниот законик, се појави заменик-министерката, а таа може да влече овластување само од него. Се случи скриена амнестија, ама јас прашувам што мисли министерот за овие измени и дали со молчење обезбеди злосторство и казна? Стигна закон за амнестија кој е жива номотехничка катастрофа. Седми пат се случува амнестија и парламентот упаѓа во судството. Моето прашање е дали недостигот на простор во затворите е причина за ваква амнестија и повторно имаме злосторство и казна.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.