НОВ СКАНДАЛ СО ЛОТАРИЈАТА НА ГРУБИ Неовластени проценувачи ја потпишале незаконската физибилити студија за трите нови коцкарници на интернет
На скандалите поврзани со владината одлука за почнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа, потпишана од Груби, им нема крај. Ексклузивно објавуваме нови нерегуларности во јавните повици за нови оператори за онлајн игри на среќа кои ќе се „заортачат“ со новата лотарија која ја формираше Владата.
Анализирајќи ги сите објавени документи од страна на новата лотарија врз кои е донесена одлука за распишување на огласите и отворање на три нови коцкарници на интернет, може да се види дека има низа недоречености и нерегуларности.
Од низата небулози, најскандалозна е таканаречената „физибилити студија“ со која се потврдува потребата за формирање на новите компании. Се консултиравме со стручни лица и експерти кои работат на вакви студии за да добиеме прецизни информации како и на кој начин е направена студијата и дали истата „држи вода“.
Покрај тоа што анализата на пазарот, кој треба да е еден од клучните основи во секоја физибилити студија е оскуден, без релевантни извори на информации, наведени се низа паушални вредности и има целосна неконзистентност во изјавите. На пример, наведено е дека големината на пазарот на глобално ниво во 2021 година е 57,54 милијарди долари, се очекува раст од 11,7%, а подоцна во истата студија се наведува дека во 2023 година ќе изнесува 70 милиони долари!?
Според експертите кои ги контактиравме во студијата изостануваат сите суштински анализи и фази кои треба да ги содржи една ваква сериозна анализа. Така на пример воопшто нема фаза на припрема, односно подготвителни активности и во неа не се наведува што треба да содржи и кој дел од планираните инвестиции и тековни трошоци, нема фаза на реализација на проектот ниту фаза на ефектуирање. Исто така ја нема последната значајна фаза, а тоа е фаза на приклучување во систем.
Финансиските анализи се исто така во голема мера погрешни и непрецизни.
– Во изготвените проектирани финансиски извештаи во студијата, основните претпоставки се паушално изразени, без повикување на извор на информации, без анализа на историски податоци, без презентирани компаративи и споредливи податоци, како и без наведување на никакви пазарни показатели – вели експерт кој имал увид во документацијата, но сакаше да остане анонимен.
Ваквата студија која очигледно не била правена за никаква реална процена, нѐ наведе да истражиме кој стои зад неа и дали станува збор за сериозна компанија или лице стручно за оваа работа. Нашето истражување ни ги потврди сомнежите дека зад оваа студија воопшто не стои лиценцирано лице кое законски треба да има лиценца за вакви анализи. Имено, физибилити студија треба да потпише лице кое е во регистарот на овластени проценувачи и проценувачи при Комората на проценувачи на Република Северна Македонија. Согласно законот, Овластени проценувачи се правните лица кои имаат стекнато лиценци за процена од одредена област и кај секој Овластен проценувач треба да има вработено лица (Проценувачи) од соодветната област за која што има добиено лиценца Овластениот проценувач.
Физибилити студијата на новата видеолотарија формирана со амин на Артан Груби, ја изготвила и потпишала извесна Благица Сотировска. Таа е потпишана како изготвувач на Физибилити студијата за основање на три друштва за приредување на игри на среќа во мај 2023 година. Лицето Благица Сотировска е проценувач од областа на Недвижен имот и трговско друштво, јавно претпријатие и други правни лица, меѓутоа не е овластен проценувач. Овластен проценувач е „Друштво за ревизија, проценка и финансиски консалтинг ЕЛИТ Данче ДООЕЛ Скопје“, каде што Благица Сотировска е вработена како проценувач. Согласно наведеното, проценувач ја има изготвено физибилити студијата, а не oвластен проценувач, иако самата физибилити студија од страна на Благица Сотировска е потпишана како овластен проценувач. Во регистарот на овластени проценувачи од областа на Недвижен имот и трговско друштво, јавно претпријатие и други правни лица, воопшто не е наведена Благица Сотировска, туку правното лице каде што е вработена. Со тоа се заклучува дека неовластен проценувач ја прави физибилити студијата што е спротивно на законот.
Понатаму, Благица Сотировска во студијата е потпишана како овластен инвестициски советник. Но, на интернет страницата на Комисија за хартии од вредност, во регистарот на инвестициски советници нема такво лице. Тоа може да се види на следниов линк: https://www.sec.gov.mk/ucesnici
Благица Сотировска е исто така потпишана како ревизор, но во регистарот на ревизори и во регистарот на овластени ревизори, исто така, нема такво лице. Тоа се гледа на следниов линк: https://iorrm.org.mk/registers
Скандалите очигледно не прекинуваат и нема да прекинат сѐ додека конечно не се истражи овој случај од страна на истражните органи кои засега молчат и не реагираат. Неодамна други медиуми објави низа скандали во однос на други спорни постапки, јавни набавки и договори кои ги склучила новата Лотарија формирана од Владата во текот на летото, која очигледно веднаш се зафатила со многу работа. И додека Груби и ДУИ јавно се залагаат за намалување на штетните последици од игрите на среќа, во позадина дебело ќе се офајдат од овој бизнис притоа кршејќи низа закони за кои апелираат здруженијата на лиценцирани приредувачи со месеци наназад. СДСМ пак во целата оваа ситуација е во глувчешка дупка. Очигледно дека сите заедно од власта имаат интерес за ваквите спорни постапки да се избуткаат до крај, велат познавачите на индустријата за игри на среќа.