Кој е виновник за инфлацијата, и на што најмногу штедат граѓаните
Според анкетата „Перцепции и ставови на граѓаните и домаќинствата за инфлацијата во Македонија“, која ја спроведоа „Асоцијацијата за демократска иницијатива“ и „Пулсот на демократијата“, граѓаните за да се заштитат од економската криза најмногу штеделе намалувајќи ја потрошувачката на струја, а на второ место е штедењето при набавката на прехранбени продукти.
Резултатите од анкетата покажуваат дека „вината за растот на инфлацијата граѓаните ја лоцираат првенствено кај Владата, а потоа се глoбалните предизвици и приватниот сектор, односно производителите и маркетите“. Додека, пак, најголем удар за семејниот буџет биле поскапувањата на прехранбените производи.
Според професорот и автор на анализата, Ристо Карајков, домаќинствата најмногу се обидуваат да штедат на струја. Во март 2023 над половина од домаќинствата (52,4 отсто) рекле дека најмногу гледаат да заштедат на струјата. Во октомври 2023 г. тој процент опаднал на 44,3 отсто од домаќинствата.
– На ова прашање од испитаниците се бара да посочат само еден производ или услуга на кој најмногу се обидуваат да штедат. За најголемиот дел од домаќинствата тоа е струјата. Падот во загриженоста според оваа варијабла (штедење) е конзистентен со падот на загриженоста на домаќинствата (прашањето кои цени најмногу ги погодуваат) околу цените на струјата, кој беше статистички значаен. Толкувањето е дека ова делумно се должи на сезонски варијации – помалку струја се троши налето, особено во домаќинствата што греат на струја – и делумно на стабилизацијата на цената со владините субвенции. Во секој случај, има мал пад на загриженоста околу цената на струјат – вели Карајков.
Прво заштеда на струја, па потоа штедење за храна
Според истражувањето, по струјата, домаќинствата најмногу се обидуваат да штедат на храната. Во март, 13,4 отсто од домаќинствата рекле дека најмногу се обидуваат да штедат на храна, во октомври тој процент бил 12,4 отсто, односно речиси непроменет.
– Најголемиот дел од испитаниците велат дека трошоците на кои никако не можат да заштедат се трошоците за храна. Во март, 60,4 отсто од домаќинствата го потврдиле ова, додека процентот во октомври е 68,2 отсто. Разликата не е голема и всушност потврдува дека ова треба да се земе како стабилен став на домаќинствата, меѓутоа факт е дека има мал раст на загриженоста околу неможноста да се штеди на храна од март до октомври. Очигледно е дека храната и струјата се клучните трошоци, кои се најбитни за домаќинствата. Над 80 отсто од домаќинствата го посочуваат едното или другото – воочува Карајков.
Следната серија прашања ги истражува ставовите на граѓаните околу виновниците за инфлацијата.
И во март и во октомври, според граѓаните, најголем виновник е Владата со просечна оценка од 4,44 во март и 4,58 во октомври. Заклучокот е дека јавното мислење е мошне стабилно по ова прашање и дека перцепцијата за Владата како виновна дополнително се засилила во изминатите месеци. И во март и во октомври, второрангирана на листата на „виновници“ е глобалната економија.
– Заклучокот е дека граѓаните се економски доволно информирани да проценат дека инфлацијата е во голема мера резултат на глобалните случувања, и покрај тоа што бараат дежурен виновник во Владата. Владата и глобалната економија и во март и во октомври се единствените „виновници“ – укажува Карајков.
Во истражувањето пишува дека огромното мнозинство од граѓаните се согласуваат со воведување на мерката за замрзнувањето, односно намалувањето на цените. Во март, 79,1 отсто од испитаниците рекле дека се согласни, а процентот на согласност е 75,9 отсто во октомври. Разликата е минимална. Меѓутоа вистинската согласност и поддршка за замрзнување и намалување на цените е всушност поголема.
Тие што не се согласуваат околу оваа мерка сметаат дека замрзнувањето на цените на тековните нивоа е премалку и дека Владата треба да направи повеќе. Тоа е јасно од дополнителните отворени коментари на тоа прашање. Логиката на тие испитаници е дека цените треба прво да се вратат на нивото од пред почетокот на инфлација и да се замрзнат на тоа ниво – истакнува Карјаков.
Огромното мнозинство од граѓаните смета дека иднината ќе биде потешка од тековниот период. Во март, 81,7 отсто од испитаниците рекле дека 2023 ќе биде потешка од претходната 2022. Во октомври, 85,9 отсто од граѓаните рекле дека следната 2024 ќе биде потешка од тековната 2023.
Зголемување на даноците наспроти замрзнување на цените има спротивни ефекти на инфлацијата.
Според универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто досегашните поскапувања се проблематични.
– Треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница. Мора да се дејствува координирано и да се менаџира мешавината од политички, фискални и монетарни политики, за да се избере помалку лошиот резултат – посочува Беџети.
Според него, сиромаштијата е структурална и не може да се реши преку акции на замрзнување цени, затоа што тоа ги опфаќа и другите слоеви т.е целото население, што не треба да биде така.
– Мора да се наоѓаат инструменти за целни мерки кон тие што се најмногу погодени со таа структура и динамика на кошницата. Во вакви случаи можеби е поефикасно некое дополнително субвенционирање на тие семејства преку нивно целење сѐ додека состојбите се вакви, а не преку сеопфатни мерки што ќе ги привилегираат и тие на кои не им е потребно тоа, макар тие биле еднократни или, пак, тримесечни временски субвенции – укажува Беџети.
Универзитетскиот професор Борче Треновски истакна во јавноста дека зголемување на даноците наспроти замрзнување на цените има спротивни ефекти на инфлацијата. Кога се носи мерка мора јасно да се знае кои се трошокот и ефектот. Тој вели дека имавме мерки што месечно нѐ чинеа по десетици милиони евра. Неговиот став е дека заштита на ранливите категории на граѓаните мора да оди паралелно со структурните реформи.
Министерот за економија Бектеши: Ако има потреба, замрзнувањето ќе продолжи до крајот на годинава
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека доколку има потреба и Нова година ќе ја дочекаме со замрзнати цени. Според него, мерките досега даваат одличен резултат, пишува Нова Македонија.
– Убеден сум дека до 10 ноември ќе ги имаме сите анализи за сите производи во одлуките, а компаниите и граѓаните навреме ќе бидат информирани за сите одлуки, односно најмалку десетина дена пред истекот на владината одлука (30 ноември). Ако има потреба, замрзнувањето ќе продолжи најмалку до крајот на годинава – истакна Бектеши.
На 19 септември, Владата реши да се замрзнат цените на 25 групи прехранбени производи. Државата неколкупати интервенираше со замрзнување на цените на производите за да го заштити стандардот на граѓаните.