Кои се Хамас? Милитантната група која направи хаос на Блискиот Исток

Нападот на Хамас врз Израел повторно во преден план ја донесе оваа палестинска милитантна група, која еден дел од светот ја третира како борци за слобода, а другиот како терористи. Сепак, по денешните снимки од убиства и киднапирања на невооружени цивили, првите ги има многу помалку.

Што е Хамас?

Хамас е палестинска исламистичка милитантна група која владее со Појасот Газа. Хамас вети дека ќе го уништи Израел и водеше неколку војни со еврејската држава откако ја презеде власта во Газа во 2007 година, пишува Би-Би-Си.

Хамас потоа ја презеде власта во Појасот Газа по кратката војна против силите на Фатах лојални на претседателот Махмуд Абас, шеф на палестинската управа и Палестинската ослободителна организација (ПЛО).

Помеѓу тие војни, Хамас истрела или дозволи други групи да истрелаат илјадници ракети врз Израел и изврши други смртоносни напади. Израел, исто така, постојано го напаѓа Хамас со воздушни напади и, заедно со Египет, го блокираше Појасот Газа од 2007 година, како што е објаснето, од безбедносни причини.

Израел, САД, Европската унија и Велика Британија, како и други сили, го означуваат Хамас како целина, или во некои случаи неговото воено крило, терористичка група. Иран го поддржува Хамас со финансирање и обезбедување оружје и обука на неговите членови.

„Ревност“

Хамас, инаку, е кратенка за Движењето на исламскиот отпор и на арапски значи „ревност“, објаснува Ал Џезира.

Групата политички го контролира Појасот Газа, територија од околу 365 квадратни километри, која е дом на повеќе од два милиони луѓе, но е блокирана од Израел.

Хамас е основан во Газа во 1987 година од имамот Шеик Ахмед Јасин и неговиот помошник Абдул Азиз ал-Рантиси, набргу по почетокот на првата Интифада, востание против израелската окупација на палестинските територии.

Движењето започна како огранок на египетското Муслиманско братство и создаде воено крило, Бригадите Из-Дин ал-Касам, да води вооружена борба против Израел со цел да ја ослободи историската Палестина.

Исто така, нудеше програми за социјална заштита на палестинските жртви на израелската окупација.

Кои се принципите на палестинската група?

За разлика од ПЛО, Хамас не ја признава државноста на Израел, но прифаќа палестинска држава на границите од 1967 година.

„Нема да се откажеме ни од педа од палестинската татковина без оглед на неодамнешните притисоци и без оглед на тоа колку долго ќе трае окупацијата“, рече Калед Мешал, прогонетиот водач на групата во 2017 година.

Хамас насилно се спротивставува на мировните договори од Осло за кои Израел и ПЛО преговараа во средината на 1990-тите.

Официјално се залага за формирање на палестинска држава во нејзините граници. Таа се обидува да ја постигне оваа цел преку напади врз израелски војници, доселеници и цивили и на окупираните палестински територии и во Израел.

Кои се нивните сојузници и поддржувачи?

Хамас е дел од регионалната алијанса која ги вклучува и Иран, Сирија и групата Хезболах во Либан, која се противи на американската политика кон Блискиот Исток и Израел.

Хамас и Исламскиот џихад, втората по големина вооружена група во регионот, често се обединети против Израел и се најважните членови на заедничката работна група која ги координира воените активности меѓу различните вооружени групи во Газа.

Односот меѓу двете групи беше затегнат кога Хамас изврши притисок врз Исламскиот џихад да ги запре нападите врз Израел.