Распаднато македонското културно наследство!

На девет километри оддалеченост од градот Кичево, се наоѓа селото Подвис
кое пак, се наоѓа во областа Копачка и припаѓа на Општина Кичево.
Од културно-историски аспект има големо и важно значење затоа што на 23
септември 1943 година во селското училиште токму во ова село првпат почнала да се одржува настава на современ македонски јазик. Прв учител бил Василко Лазарески од Подвис.

Денес ова училиште кое е прогласено за споменик на културата се наоѓа во многу
лоша состојба. Училишната зграда е целосно руинирана и оставена на забот на
времето.

Очигледно е дека со години никој не водел и не води грижа за овој значаен споменик за македонската историја, јазик и култура.

Чудно е и зошто никој ниту од жителите не иницирал или не помогнал да се подобри изгледот на објектот. Или, можеби има некој таков но нема слух и поддршка за неговата иницијатива?