Приватните превозници имаа средба со Арсовска
“Кон нас приватните превозници ЈСП има долг, не градоначалничката. Да почекаме да видиме што ќе се случува понатаму. Се уште трае ревизијата”, рече Јовица Зафировски, кој е нов претставник на приватните превозници, наследувајќи го претходникот Ленин Јовановски.
Според него нема да има нови блокади на улиците од нивна страна.
Претставници на приватните превозници денеска имале конструктивна средба со градоначалничката Данела Арсовска и најавија брзо решавање на проблемот кој го имаат со Градот и ЈСП Скопје.
“Останува на нас да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на улиците. Сите препораки беа во насока дека ќе се модернизира јавниот превоз во Скопје и дека ние ќе бидеме вклучени. За многу брзо ќе се вратиме на скопските улици”, изјави денеска Зафировски.
Додаде дека официјално ништо не е договорено, но дадени се насоки.
“Се е позитивно од оваа средба. Оваа недела ќе имаме уште еден состанок за да ги допрецизираме работите. На нас штом ни одговара, ќе им одговара и на колегите”, рече Зафировски.
Сепак, не може да даде конкретен датум кога пак ќе почнат да возат.