Трет ден блокади на приватните автобуски превозници
Приватните автобуски превозници веќе трет ден по ред продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Градските власти, од друга страна, најавуваат дека денеска ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници на линиите со број 20 и 22.
– Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници, се вели во соопштението на Градот.
Единствена разлика, како што велат од Град Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.
Граѓаните во меѓувреме, и денеска ќе бидат принудени да најдат алтернативи во сообраќајот поради застојот на сообраќајот кој произлегува како резултат на блокадите на приватните автобуски превозници.
Јовановски претходниот ден, побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.
– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.