Стоилковски: Арсовска не размислува за долгот од еден и пол милиони евра кон возачите, таа размислува за 11 милиони денари за рекламни спотови од приватна продукција!?

Данела Арсовска не размислува за долгот од еден и пол милиони евра кон возачите, таа размислува за 11 милиони денари за рекламни спотови од приватна продукција!? Со овој документ нејзиниот сектор за поддршка бара 11 милиони денари за организирање прес конференции и снимање промо-видеа, за потоа тие да ги објавувалена на сајтот на градот и на социјалните мрежи. 11 милиони за директна пропаганда, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

-Почитувани, наместо да се најде решение и да се исплати потврдениот долгот на ЈСП, Данела Арсовска се грижи за својот ПР. За една година направи целосен хаос во Скопје, ги колабираше јавните претпријатија, не започна ниту еден реален капитален проект, ама бара пари за лично рекламирање. А што ќе рекламира? Новата Универзална што не е почната, Луна Паркот што е заборавен, или тажната приказна од новогодишно уредување со елка и рингишпил врз фонтаната! Повторувам, врз фонтана каде што заради негрижа пропаѓаат возила на плоштадот!

Почитувани, во Град Скопје има цел сектор и цело одделение со најмалку 9 вработени за организирање на прес конференции и што се задолжени за транспарентност и информирање на граѓаните. Но, ниту тие, ниту маркетинг агенции за спотови нема да ги заменат бегствата на Данела и нејзините пулени од одговори пред медиумите. Граѓаните бараат работа, бараат посветеност и дела, а не гола пропаганда, уште и тешка 11 милиони денари!
Очигледно единствено за што се грижи Данела Арсовска, среде должничка криза и неспособност да се соочи со проблемите и е маркетингот и снимање видеа за лична промоција. Чиста пропаганда. Уште еднаш потсетуваме дека за истата намена, пред 3 месеци беше повлечен договор од над 90 илјади евра!

Скопје не може да издржи уште еден неспособен и криминоген градоначалник!, рече Стоилковски.