Пријавени околу 1.000 случаи на семејно насилство
Во моментов немаме драстично зголемување на пријавите за семејно насилство. Видот на насилството најчесто е психолошко а потоа физичко, и не се погодени од насилство само ранлива категорија на жени. Имаме и жени кои се со високо образование и се економски независни, и во тие случаи најчест облик на насилство е психичко, изјави денеска министерката за труд и социјална работа Јованка Тренчевска.
Таа денеска одговорајќи на новинарско прашање пред почетокот на Регионалната консултација за родова еднаквост и борба против насилството врз жените, информираше дека пријавување на семејно насилство но и на кој било друг облик на родово насилство, може да биде во Центарот за социјална работа или во најблиската полициска станица.
Бројките од центрите за социјална работа покажуваат дека немаме драстично зголемување на пријавите за семејно насилство или за насилство врз жените. Но, бројките од разрешницата во судовите покажуваат дека во најголем број на случаи или странките се повлекуваат во судската постапка или имаме судски пресуди кои се или ослободителни, бидејќи нема доволни докази во самата постапка, или се пресуди кои не соодвествуваат со законската регулатива, во однос на изречените казни, додаде Тренчевска.
Оваа година, како што рече, бројките се движат од 900 до 1.000 пријавени случаи на семејно насилство преку Центрите за социјална работа.
Вкупно имало 1.129 жртви на семејно насилство, од кои жените се 792, мажите 177 а од децата има 160 жртви. Од сторителите на насилството, 941 се мажи а 95 се жени.