Приватните превозници нема да учествуваат на огласот на Град Скопје, од Владата бараат одземање на ингеренциите на Арсовска за јавниот превоз
Градоначалници блиски до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вршат притисок врз дел од превозниците да се пријават на огласот за јавен автобуски превоз во главниот град, откако вчера е донесена едногласна одлука тие да не учествуваат на повикот, истакна денеска Кемал Муриќ од „Слобода превоз“, барајќи од Владата да и ги одземе на градоначалничката на ингеренциите во делот за јавниот градски превоз.
– Преку одредени скопски градоначалници, приватно блиски со Данела Арсовска, се врши притисок врз дел од нашите колеги да се пријават на огласот. Сакам да известам дека сите превозници се едногласни да не учествуваат на тој оглас. Одлуката е донесена вчера, изјави Муриќ.
Тврдењата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дека долг кон нив не постои, дека приватните превозници продавале билетите, а парите не ги пријавувале, туку ги ставале во своите џебови, дека бројот на приватните автобуси е седумдесетина и дека секој превозник ќе може поединечно да се пријави на огласот на новиот јавен повик, тој ги оквалификува како лаги.
Муриќ рече дека и по признание на самиот в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и сметките покажуваат дека долг кон нив постои, нагласувајќи дека приватните превозници воопшто не продавале билети во своите автобуси.
Според него, со паркирањето на 208 автобуси околу седиштето на Град Скопје за време на протестите, покажале дека е лага оти нивниот број е 70-тина, како што тврди градоначалничката.
Муриќ посочи и дека јавниот повик за пријавување на приватните превозници се однесува само за две од вкупно 16-те линии што тие досега ги опслужуваа, како и дека не него можат да се пријават само преку фирма, но не и поединечно.
Тој рече дека тие будно ги следат случувањата и дека точно знаат кои се виновниците за целата состојба.
– На врвот на проблемот е Данела Арсовска, а веднаш до неа се секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски, и човекот кој самиот се нарекува градоначалник во сенка, Драги Митковски, познат како Драги Книга, кој иако нема никаква официјална позиција, често е во ЈСП и на полутајни средби со директорот на ЈСП, изјави Муриќ.
Прашан за изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е подготвен да ги прими на средба на кој би присуствувал и претставник од Градот, но под услов автобусите да се тргнат од „Илинденска“, со цел да се создадат услови за преговори што нема да не бидат под уцени и притисок, Муриќ истакна дека е нормално да бараат помош од повисока инстанца, односно во случајов од премиерот.
– Не се работи за никаква закана и никаква уцена, овој протест е најзаконски и најлегален и ние ќе продолжиме и понатаму со протестот. Очекуваме да не прими премиерот. Немаме ништо против да учествува и Градот Скопје и неговите служби или кој било што ќе придонесе за решавање на нашиот проблем и на оваа состојба, одговори Муриќ.
На прашањето дали ќе ги отстранат автобусите, тој рече дека ако има гаранции од страна на премиерот дека ќе се реши нивниот проблем, возилата веднаш ќе бидат тргнати.