Коцев: Во 2023 година ќе реализираме многу проекти за подобрување на квалитетот на живот на нашите жители

Во 2023 година планираме да реализираме голем број на проекти со што значително ќе го подобриме квалитетот на живот на жителите на Општина Зрновци. Ова е главната поента од обраќањето на Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци на средба на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ коалицијата која што се одржа во Кочани.

Коцев направи краток осврт за големиот број на реализирани проекти во општината и покрај скромниот буџет.

– Во 2022 година Општина Зрновци во делот на патната инфраструктура реализираше околу 2 километри патна инфраструктура, во вид на изградба на нови и реконструкција на постоечките улици, за што издвоивме 6.300.000 денари. Изградена е каптажа за постојано водоснабдување во село Мородис со што решивме проблем стар повеќе од две децении, а извршено е и чистење на браната Зафат во село Видовиште. Од аспект на водоводната мрежа, извршена е реконструкција на секундарната мрежа во Зрновци и дел во село Мородвис, а изготвени се и петнаесетина проекти и технички документации кои планираме да ги реализираме во 2023 година – кажа градоначалникот Коцев.

За 2023 година се планираат повеќе проекти во сите области, каде дел ќе се финансираат од сопствените средства на општината, а дел преку разни фондови и апликации.

– Веќе во февруари започнуваме со изградба на помошни канали за наводнување со изградба на три каскади по течението на река Зрновка. Станува збор за проект кој е во вредност од 9.500.000 денари и со него трајно ќе го решиме проблемот со наводнување на земјоделските површини во село Зрновци. Во месец јануари ќе распишеме јавни повици за изградба на резервоар за водоснабдување во село Зрновци, во висина од околу 2 милиони денари. Планираме и изградба на пречистителна станица во село Видовиште, бидејќи целосната канализација е инсталирана во речното корито на Видовишка река, а со овој проект ќе заштитите од 50 до 100 хектари земјоделски површини. Исто така ќе се гради резервоар за водоснабдување во село Мородвис, а ќе започнеме и со изградба на ново повеќенаменско спортско игралиште за што ќе издвоиме 6.500.000 денари. Планираме во 2023 година да изградиме патека од влезот во село Зрновци до излезот на село Мородвис, за што е подготвена техничка документација и ќе се одвојат околу 5.500.000 денари, а планираме и реконструкција и доизградба на основното училиште „Синиша Стоилов“ во вредност од 5 милиони денари, изградба на фитнес зона на отворено и друго.

Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.

Постави одговор

Your email address will not be published.