Катастрофалниот пиар на Арсовска ја клекна пред скопјани, нема со кого не се скара

Блокирани сметки, неисплатени плати, кавги, мобинг, бегање од новинари, хаос во сообраќајот, неасфалтирани булевари, град кој тоне во смет и нечистотија, отпуштање од работа, закани, уцени, недолично однесување, протести на вработените во ЈСП и приватните превозни, неисполнување на ветеното е денешната реалност која го отсликува работењето или подобро неработењето на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а помина речиси само една година од нејзиното четири годишно управување со главниот град.

Иако пиар тимот на Арсовска се обидува да го сокрие лошото менаџирање на градот, како и незаинтересираноста на Арсовска за случувањата во градот, очигледно е дека не успева, или пак лошо се справува бидејќи за само неколку месеци градоначалничката почна да војува на повеќе фронта.

Кавгата најпрво започна со тогашниот в.д директор на јавното претпријатие Водовод и канализации Златко Перински, кој беше обвинет од страна на Арсовска за самоволие и нетранспарентно работење за проектот за изградба на пречистителната станица, финансиран од Европската банка за обнова и развој вреден 136 милиони евра. Со упаѓање на прес конференцијата на Перински од страна на градоначалничката  најави одговорност за Перински, но не кажа за што точно, туку само дека надлежните институции ќе одлучат дали имало криминал.

По ова случување и несоодветно однесување на Арсовска преку лажни обвинувања и обиди на дискредитација на Перински, оставки од директорските места во скопските јавни претпријатија си поднесоа речиси сите тогашни директори, со образложение дека на Арсовска не и се приоритети проектите за скопјани, а немаат ниту нормална комуникација, ниту поддршка од Градот за функционирање на институциите.

Ова беше и само една од причинита и за откажување на поддршката на советничката група во советот на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија од Данела Арсовска, но не и за нејзината програма за Модерно Скопје која ја поддржаа на последните локални избори.

Но, Арсовска веднаш истрча во Влада, па така изминатите неколку недели, од делувањето на Арсовска и премиерот Димитар Ковачевски, може да се забележи синхронизираност во изјавите, па ако до вчера беа најголеми противници, денеска веќе се во коалиција, за која и самиот премиер Ковачевски призна дека се среќавале во влада. Но, дали станува збор за договарање на нови бизнис зделки и местење на тендери помеѓу лица блиски до Ковачевски и СДСМ и градот Скопје допрва ќе дознаваме.

Но, проблемите на Арсовска не завршуваат само тука. По само еден месец од менаџирањето на новите директори кадри од СДСМ, ДУИ и Левица почна да излегува на површина неработењето.

Имено, најпрво вработените во ЈСП Скопје излегоа на протест блокирајќи го булеварот пред Влада и пред другите институции поради неисплаќање на септемвриската плата. Но, штрајкот не траеше долго, бидејќи по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на вонредна седница се пренаменија дел од средствата на буџетот за плати на вработените во ЈСП.

Кулминација на лошото менаџирање и недолично однесување на Арсовска е и сегашниот протест на приватните превозни и сообраќајниот метеж по скопските улици.

Станува збор за долг од страна на ЈСП кон приватните превозници над еден милион евра, за кои како што обвини првиот човек Ленин Јовановски до сега немало пракса никој не сака да седне на маса и да се понуди решение, укажувајќи дека Арсовска е лошо информирана од страна на нејзините соработници и дека состојбата е сложена, како и дека доколку вака се продолжи тогаш наместо проблемот да оди во насока на решавање, ќе оди во насока на комплицирање.

Но, Арсовска наместо на маса да го реши проблемот, одби средба со превозниците обвинувајќи ги дека доколку сметаат дека се во право, правдата да ја бараат на суд, но и ги обвини дека незаконски работеле односно од крајот на 2017 година па се до овој момент немале пријавено во продажба ниту еден билет, и покрај тоа што пријавиле дека возеле околу 400.000 километри на месец.

Скоро на ист став е и директорот на ЈСП Александар Стојковски кој на седница за советнички прашања ги советуваше доколку сметаат дека се во право, тогаш да поднесат тужба за неисплатен долг, и покрај тоа што доставените фактури се потпишан и со самото тоа се потврдува дека нема никаков криминал или незаконско работење од страна на приватните превозници.

Хаосот во градот, мобингот врз вработените во градот, отпуштањето на 100-тина вработени од Водовод, како и отпуштањето на 112 лица од ЈП Комунална хигиена од кои најголем дел се од албанска етничка припадност се причина зошто градот тоне во смет и нечистотија, но и причина плус зошто скопјани ја губат довербата кај градоначалничката Арсовска.

Според информациите градоначалничката Арсовска ја губи контролата во градската куќа, а нејзиниот пи-ар кој очигледно лошо ја советува само придонесува за се поголем револт и кај медиумските работници.

Инаку, вчера над 15 новинарски екипи ја чекаа Арсовска за изјава, но портпаролката на Арсовска ги известила дека во моментот е на состанок и нема да може да даде изјава, а на сликите кои ги објавија медиумите може да се забележи големо присуство на полициски службеници кои ја чуваат Арсовска и градската куќа.

Очигледно лошиот пиар е само една од причините што Арсовска се искара со сите, додека пак нестручното и неспособното работење како и нереализирање на програмата за Модерно Скопје се само дел зошто Арсовска ја губи поддршката од граѓаните. И наместо пиарот на Арсовска да продолжува да напаѓа и да обвинува други за нејзината неспособност, подобро би било во иднина да ја советува градоначалничката повеќе да внимава на нејзиното однесување и делување. Какви ќе бидат случувањата во градот и кој е следен на серијалот за карање на Арсовска останува да почекаме.