Денес во Македонија се празнува 8-ми Декември – Св. Климент Охридски

Денес со низа настани ќе се одбележи 8-ми Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека во Скопје, собраниска и владина делегација ќе положи цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.

Во состав на владината делегација ќе бидат заменик министерот за правда Агим Нухиу, заменик министерот за финансии Филип Николоски и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, а во состав на собраниската делегација потпретседателот Горан Мисовски, Даниела Марковска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Во областа на воспитанието и образованието, годинава наградата ќе му биде доделена на универзитетскиот професор д-р Африм Османи, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на писателот – академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на кардиохирургот професор д-р. Сашко Јовев.

Св. Климент Охридски е патрон и на Охрид каде празнувањата почнаа завчера. Чествувањата продолжуваат и денеска со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ и на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.