Владев: Денес пуштаме во употреба нова балон сала во Ерџелија, проект вреден 9 милиони денари, а во фаза на реализација е и нова детска градинка
Денеска на овој голем ден се наоѓаме тука во село Ерџелија, во склопот на основното училиште „Даме Груев“ каде имаме чест заедно со присутните и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицкоски да ја отвориме оваа балон сала која што го носи името на училиштето „Даме Груев“, истакна градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев.
Владев нагласи дека за оваа сала се потрошени околу 9 милиони денари, средства од буџетот на Општина Свети Николе. И се надева дека со отворање на оваа балон сала ќе се допринесе за развој на спортот и спортскиот дух.
„Не застануваме тука, може и да споменам дека пред две недели исто во село Ерџелија го асфалтиравме конечно, зборуваме за некаде од околу 800 метри. Граѓаните на село Ерџелија со години и години наназад ни кажуваа дека заслужуваат да имаат пристојни услови на живот. Не застануваме тука кога зборуваме за Ерџелија, паралелно со ова се гради позади училиштето и детска градинка“, рече градоначалникот.
Тој посочи дека за наредниот период се има предвидено во буџетот на Општина Свети Николе и парични средства за реконструкција на главната улица во Ерџелија.
„Што се однесува за наредните проекти можам да кажам дека 2022 година ќе ја заокружиме со асфалтирање на улица од вкупна должина од 600 метри во село Горобинци, која што треба да биде завршена во текот на денешниот или утрешниот ден“, рече Владев.
За 2023-та година Владев најавува многу проекти, кои што ќе бидат реализирани од средства на Општина Свети Николе. Како поголеми проекти кои ги најави се уредување на речното корито доколку дозволи централната власт, тука е и изградба на нова балон сала во средното училиште „Кочо Рацин“, изградба на канализација во село Мустафино, канализација во Кадрифаково, асфалтирање на улици во село Пеширово. А, во самото градско подрачје се очекува изградба на четири улици, две улици со два крака на т.н. Сопотски пат.
„После новогодишните празници веднаш ќе започнеме со асфалтирање на две улици во село Долно Црнилишта, како и комплетна реконструкција на улиците „Кочо Рацин“ и „Македонска“, тоа е во самиот центар на градот. Кој што моментално е руинирана коцка и веруваме дека најкасно до мај месец така е и распишан тендерот, треба ова да биде завршено“, укажа тој.
Владев додаде дека се вложува и во зеленило, и Свети Николе во летниот период ќе има еден од најмодерните паркови и амфитеатар.