НОВИ ПРОВОКАЦИИ ОД БУГАРИЈА – Костадинов: Македонија Е БУГАРСКА! МНР ќе упати вербална нота
Од Бугарија нова провокација. Доаѓа од страна на лидерот на бугарската политичка партија Преродба, Костадин Костадинов кој тврди дека не постои македонско малцинство, а Македонија е бугарска.
Тој тоа го изјави за отворањето на македонскиот клуб во Благоевград и кажа дека тоа е провокација, пренесува „БНТ“.
Според него, македонското малцинство е непостоечко.
„Оваа провокација беше спречена од потомците на Никола Вапцаров, изјави Костадинов, пренесува БНТ.
Тој вели дека ќе настрадаат сите бугарски организации во Македонија.
„Македонија тврди дека носат провокативни имиња. 100 пати повторена лага станува вистина. Книгата за Никола Вапцаров ќе ја претставиме во парламентот каде тој се дефинира како Бугарин. Ќе зборуваме за бугарската историја – во Брисел и Стразбур, за да биде јасно едно: Македонија е бугарска“, вели пратеникот.
Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе биде упатена формална вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија поради изјавите на Костадин Костадинов.
Од МНР информираат дека и претходно веќе реагирале на изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба” во која, како што се наведува, посочивме дека очекуваме надлежните институции и политички претставници во Република Бугарија да се оградат и да го осудат овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии.
„Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво. За денешниот инцидент формална вербална нота ќе биде упатена до Министерството за надворешни работи на Бугарија,“ се вели во соопштението од МНР.