„Директорот на протокол на МНР кој што го згреши знамето не е разрешен, туку унапреден во амбасадор во Москва“ – обелоденува ВМРО-ДПМНЕ
Бујар Османи не ја кажа вистината кога соопшти дека директорот на протоколот наводно поднел оставка поради згрешеното знаме за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, обелоденуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистината е дека тој добил датум и е унапреден за амбасадор во Москва.
Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?“ – се наведува во партиското соопштение.
Претходно, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во емисијата 24 Анализа, рече дека одговорното лице за протокол во Министерството за надворешни работи си поднело оставка по поставувањето на словачкото наместо словенечкото знаме.
-Тоа беше едно од десетте знамиња и кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка иако немаше никаква директна одговорност која ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност поднесе оставка, работеше една година, рече Османи во емисијата.
Кон средината на октомври во посета на Македонија беше словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, а на средбата со Османи, министерот ја пречека со знамето на Словачка, наместо со Словенија.