Стоилковски: Куртовски делел општински плати на најблиско семејство

„Криминалот и корупцијата на СДСМ не застанува. Медат Куртовски, од позиција прв човек во општината Маврово и ростуше именуван од владата, а сега и кандидат на СДСМ за градоначалник, дели буџетски, општински пари на приватни сметки на најтесното семејство“, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Куртовски, градоначалник, па повереник и сега кандидат на СДСМ, на својот шура му исплатил 60.000 денари. Овие 1.000 евра општински пари за Емсел Шабани следуваат само три недели кога преку училиштето во Скудриње на роднината на Куртовски му се исплатени дополнителни 15.000 денари. И ова не е прв пат, туку се работи за континуирано празнење на општинските пари на сметка на семејството на Куртовски, именуван од владата на Ковачевски да дели од општинската каса. Имено, преку училиштата во Скудриње и Ростуше континуирано му се исплаќаат пари на роднината на Куртовски, Емсел Шабани, преку директорот, поставен од Куртовски и којшто, повторно, има пошироки семејни врски со владиниот повереник на општинската каса, Куртовски. Општински пари добивал и дедото на Куртовски, Тасим Шабани, со иста шифра како и шурата. Во очи на датумот на избори за 17 октомври лани, пред да биде именуван за владин повереник за општината, Куртовски на 8 октомври на Тасим Шабани му исплаќа 57.000 денари! Се работи за очигледна континуирата пракса за делење на буџетот на сметки на членови на семејството на Куртовски, очигледно во предизборен период таа сметка расте. Криминалот и корупцијата се нераскинлив дел за СДСМ и нивните кандидати за функционери. Државата е во економски колапс, народот се плаши како ќе презими, ама буџетите на општините водени од СДСМ се трошат за сметките на роднини и блиски на партиските функционери на власта“, истакна Стоилковски.

„Изборот на Куртовски во сабота е избор за криминалот и корупцијата во Маврово и Ростуше. Ова мора да има крај“, додаде тој.