Пелоси слета во Тајван, Кинеско МНР со остра осуда
Американската страна ќе се соочи со последиците и ќе ја плати цената за поткопувањето на суверенитетот и безбедносните интереси на Кина, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи.
Според најавите, авионот на Ненси Пелоси слетал во Тајпеј околу 16 часот и 45 минути по македонско време.
Кина го оцени како провокација што може да го доведе светот во ера на неред и нестабилност. Да потсетиме дека и двата кинески носачи на авиони Лиаонинг и Шандонг испловија од своите пристаништа, пишува кинескиот Глобал Тајмс.
Кинеското Министерство за надворешни работи остро ја осуди посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, и покрај предупредувањата од кинеската страна.
Министерството наведува дека упатило протест до американската страна.
Кинеското МНР вели дека посетата испраќа „погрешни сигнали до сепаратистичките сили“ кои бараат „независност на Тајван“. Посетата на Ненси Пелоси сериозно го нарушува принципот „една Кина“, се посочува во соопштението.
Борбени авиони на воздухопловните сили на Кинеската Народноослободителна армија полетаа вечерва по локално време во правец кон Тајван, јави кинеската централна телевизија. (МИА)