Од 1 септември второодделенците ќе учат за идентитети, во петто се спојуваат Историја и Општество
Од септември, во петто одделение се спојуваат предметите Историја и Општество, додека пак учениците од второ одделение ќе изучуваат родови, етнички и национални идентитети, пренесува Телма.
Преку овие новини, идните ученици од второ одделение ќе треба да учат како да се справуваат и како да ги препознаваат емоциите, а за предметот Општество ќе треба да ги идентификуваат идентитетите, согласно новата концепција за основно образование.
Ученикот треба да ги идентификува различните компоненти на сопствениот идентитет кој се гради врз основа на припадноста на различни социјални групи, како на пример, родов, етнички и национален идентитет и на различните улоги кои ги има во животот, се вели во наставната програма за второ одделение.
За предметот Општество за второ одделение, во делот за дигитална писменост, личен и социјален развој и техника и технологија се наведува дека ученикот ќе треба да знае да процени кога и на кој начин за решавање на одредена задача е потребно користење на информатички комуникациски технологии.
За да можат просветните работници да ја спроведат дигитализацијата, наставната програма предвидува користење на компјутер, проектор и други дигитални уреди но и сложувалки и логички игри.
Новитет кај учениците од петто одделение ќе биде фузијата на предметите Историја и Општество кои наместо посебни како досега, ќе се изучуваат од еден учебник. Во наставната програма се вели дека до крајот на годината, учениците треба да имаат чувство на припадност кон државата.
Ученикот треба да знае да ги идентификува и почитува сите национални симболи на Република Македонија и да манифестира чувство на припадност кон државата. Ученикот треба да ги идентификува географските карактеристики на континентите, регионите и државите во светот и да ги поврзува со нивнот општествен развој, се вели во наставната програма.
Наставниците, според наставната програма ќе треба да обезбеди инклузивност на сите ученици. Учебниците според информации на ТВ Телма, се уште не се испечатени со новините, а информации нема ниту од министерството за образование дали сите училишта се снабдени со помошните техничко-технолошки помагала.