Маричиќ: Влегуваме во фаза во која ќе треба паралелно да се води скринингот и да се работи интензивно на уставните измени – потребен е јасен политички консензус за процесот на евроинтеграција, а не Референдум
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во денешното интервју за телевизија „Алсат“, посочи дека Референдумот е демократско право и до сега сме го користеле повеќе пати, но смета дека доколку би имало Референдум суштинското прашање би било дали сте за Северна Македонија да биле членка на ЕУ или не.
„Мислам дека тоа прашање е повеќе пати одговорено и од граѓаните и од институциите и наместо на Референдум треба да се насочиме на завршување на нашите обврски, креирање на еден консензус околу европските интеграции, затоа што овој процес надминува мандат на која било една влада“, рече Маричиќ.
Маричиќ истакна дека влегуваме во фаза во која ќе треба паралелно да се води скринингот и да се работи интензивно на уставните измени и дека до завршувањето на скринингот има добри шанси да се комплетираат уставните измени, додавајќи дека според Владата содржината на тие уставни измени не е проблематична, бидејќи се работи за нешто што веќе го имаме во Уставот за повеќе заедници и додавањето на уште неколку заедници, меѓу кои и бугарската, не го гледаат како суштински проблем.
Маричиќ во интервјуто потсети дека од 1991, од независноста, сме се определиле и за ЕУ и за НАТО и дека веќе сме членка на НАТО и ги почнавме преговорите, но дали успешно ќе ги продолжиме и завршиме зависи само од нас, посочувајќи дека ова е важно секој пратеник да го има предвид кога ќе ја носи одлуката.
Во врска со процесот на скрининг кој започнува на 15-ти септември, тој изјави:
„Очекувам до крајот на овој месец да ја претставам преговарачката структура, потоа во еден интензивен период до 15 септември на сите министерства, на сите институции им објасниме точно која е нивната улога во скринингот и од 15 септември натаму да започнеме со тој процес. Ќе биде многу интензивно, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно. Важно ќе биде сите со внимание да ги следиме презентациите и да учествуваме активно во нив затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата понатаму“.
Процесот на скрининг ќе се одвива во две фази и ќе започне на 15 септември, а се очекува да трае до ноември 2023 година.
„По завршување на објаснувачкиот скрининг, следува билатералниот скрининг, каде што се вклучени не само Европската Комисија, ние и Албанија, туку и државите членки на ЕУ. Сите тие ќе изнесат свои видувања за нашата усогласеност во сите делови, во сите кластери и поглавја. Тој процес е важен за нашата администрација бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила“.
Вицепремиерот потенцираше дека покрај подготовките за скринингот, паралелно и непречено се работи на превод на европското законодавство и дека и годинава очекува да се држи темпото од минатата година, кога беа преведени преку 17 илјади страници.