Владата им го забрани зборот „македонски“ на македонските излагачи на Саемот во Белград
Владата на секој начин се труди да ја цензурира употребата на терминот „македонски“ кога се работи за промоција во спортот, културата, гастрономијата, историјата.
Последен доказ за тоа е Саемот за храна, вино и туризам кој утре почнува во Белград во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Според документот до кој дојде „Република“ Владата на излагачите кои ќе ги претстават своите производи им забранува да го користат зборот „македонски“ и „Македонија“.
„Согласно информациите што ги добивме од тимот на Владата кој го организира учеството на македонските производители на Саемот, компаниите кои ќе се претставуваат нема да се додава националното лого“-се наведува во писмото.
Од компаниите уште се бара сите проиводи што ќе ги презентираат да одат на проверка во Влада за секој случај да не има нешто „македонско“.
Конкретно, тоа значи дека компаниите нема да смеат да презентираат на посетителите за македонско вино, македонско езеро, македонско сирење, туку за производ од „Cеверна Македонија“.
Тоа може да им направи проблем на компаниите кои во своите производи го содржат зборот „македонско“ или „Македонија“.
Од утре во следните четири дена Македонија, заедно со Република Србија и Република Албанија е покровител на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винската Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград.
На Саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.
Вкупно 42 винарии и 3 дестилерии од нашата држава пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Извор: Република