Велес почнува со чествувањето по повод смртта на Рацин во пресрет на 59те Рацинови средби
Од 1964 година, Велес е домаќин на поетите од Балканот кои, во родниот град на основоположникот на современата македонска поезија и литература Кочо Рацин, го слават битот на поетскиот збор.
Покрај презентацијата на поетското творештво во рамките на Рациновите средби се одржуваат и научни собири посветени на животот и творештвото на Рацин. На манифестацијата традиционално се доделува Рациново признание за најуспешно литературно остварување помеѓу две манифестации како и Почесното Рациново признание кое се доделува за научни трудови, преводи и други дела посветени на творештвото на Кочо Рацин.
Секоја година манифестацијата се збогатува со разни содржини како настапи на музички уметници, изложби, саеми на книги. На нив учествуваат музичари и групи од Македонија и од соседството.
„Рано утрово положувајќи цвеќе на споменикот на Кочо Рацин во центарот на градот ги испративме планинарите на традиционалниот „Марш за Рацин“. Успешно пристигнаа на планината Лопушник каде со пригодна програма му оддадоа почит на великанот, сеќавајќи се на наследството кое ни го остави.
59. Рацинови средби оваа година обединува мноштво активности, токму онака како што Рацин и заслужува. Целосната програма погледнете ја на https://racinovisredbi.mk/
Делата на Коста Солев Рацин се бесмртни. Да ги чуваме и негуваме“, пишува на официјалната страна општина Велес.
Попладнево беше организирана и трка под наслов „Трчаме за Рацин“. На неа земаа учество младите, но и постарите кои трчаа на 5 и 10 километри.