ЈакимНеделков: По објавата за генерален штрајк никој не побара средба, не отстапуваме од зголемување на платите
„Од објавувањето на нашата одлука за генерален штрајк, синоќа околу 19 часот, досега немаме никаква порака или барање за работна средба, се надеваме дека во наредниве денови ќе добиеме. Последните неколку дена беа интензивни обидите за преговори со Владата кои беа безуспешни’, изјави Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.
Синдикатот вчера на седница одлучи од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките и дека одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита.
„Без стартна позиција – сега и веднаш, што за нив е неприфатливо, ние не можеме ниту да излеземе од закажаниот штрајк ниту, пак, можеме да разговараме за одредени реформи кои ги предвидува Владата за наредниот период во дејноста образование. Затоа е битно сега да се зголемат платите за да имаме простор за да продолжиме. Во спротивно, ако немаме никакви предлози, како би можеле ние да го прекинеме штрајкот“, рече Неделков на прес-конференција.
Советот на СОНК ги задолжил регионалните одбори да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување генерален штрајк во градинките и во основните и средните училишта во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.
„Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес“, информираше СОНК.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе бидат згрижени децата од предучилишна возраст за време на штрајкот, Неделков рече дека одговорноста за работата и функционирањето на градинките е на работодавецот кој, како што рече, е должен да обезбеди услови за работа.
„Во случај кога работниците се во штрајк, ние не велиме – не ги носете децата, меѓутоа немаме одговорност кон родителите коишто ќе ги донесат децата. Кој ќе биде со децата ние не одговараме. Одговорите треба да се побараат од Министерството за труд и социјална политика или, евентуално, од директорите коишто имаат надлежност да ги организираат активностите во градинката. Апсолутно мнозинство од 100 проценти изјаснување во градинките за штрајк досега не сме имале. Сме имале изјаснување за штрајк, но се примале деца и штрајкот за кој се согласиле не бил спроведен и тоа не носи резултати. Затоа сега имаме негувателки кои работат со 30-35 деца во група, што е над нормативот, на кои е невозможно истовремено да им се посвети внимание, а земаат плата 18.800 денари. Така не може да биде и затоа луѓето се револтирани“, рече Неделков.
На прашањето дали вработените кои не се членови на СОНК ќе имаат обврска да работат за време на штрајкот, Неделков одговори дека постои одредба во Законот за работни односи дека секој што не е член на организаторот на штрајкот или членува во друг синдикат, може солидарно да се приклучи кон штрајкот.
– Колегите што солидарно ќе се приклучат во штрајкот се законски покриени и ги имаат правата како и колегите коишто се во нашиот синдикат, додаде Неделков.