Ковачки: Спасовски сака да го донесе Законот за внатрешни работи без консултирање на опозицијата, ЕУ и ОБСЕ, истиот не е во согласност со ГРЕКО и му овозможува да унапредува без критериуми
Со измените на Законот за внатрешни работи, во моменти на исклучителна геополитичка затегнатост и во моменти кога нацијата треба да биде сплотена, а безбедносниот сектор консолидиран и со зголемена будност, Оливер Спасовски и СДСМ законски го разградуваат Министерството за внатрешни работи, преку унапредување на свои, партиски кадри дури со по 3 нивоа одеднаш.
Некомпетентноста и нестручноста, надополнета со немањето доволно искуство и минат труд на партиските послушници во Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски ќе ги надополни со своето дискреционо право и наместо според критериуми и работен стаж, унапредувањето ќе го врши по сопствена, односно партиска волја.
Измените на законот за внатрешни работи се носат без никаква консултација со опозицијата и со непочитување на насоките од Прибе за инклузивност во процесот на носење на Законите од безбедносната сфера, како и со игнорирање, односно неконсултирање и понижување на Европската Унија, ОБСЕ и други организации и институции кои во минатото помагаа и вложија сопствени средства и огромни напори, токму во системот на градење на кариера во Министерството за внатрешни работи.
Со предложените измени, кои НЕ се во склад ниту со препораките од ГРЕКО на кои се повикува Спасовски, во институција која е хиерархиски поставена, за да напредувате во кариера, треба да ги имате потребни квалификации, односно стручност, компетенции и подеднакво важно, потребно искуство.
Со овој Закон, Спасовски сето ова го занемарува и го уништува системот на кариера, односно правилниот развој на вработените во Министерството за внатрешни работи.
На овој начин, лице кое е примено вчера на работа, може да биде унапредено и да му стане претпоставен на лицето кое го примило на работа, односно на неговиот довчерашен шеф кој е со децениско искуство и поминати обуки.
Ова е грубо кршење на системот за кариера и газење на принципите на субординација.
Не постои ниту една ЕУ држава каде што законски на министерот му е овозможено да си унапредува без критериуми дури по 3 нивоа одеднаш.
Поради 4-те кризни состојби во кои неспособната Влада ја втурна државата и намалениот стандард на живот, вклучително и на припадниците на Министерството за внатрешни работи, од наша страна, предложивме со амандман покачување на платите, односно досегашните 20 и 30 проценти да станат 30 и 40 проценти додаток на плата, но истиот беше одбиен од страна на Владата на ДУИ и СДСМ.
Ефектот од владеењето, односно дивеењето и самоволието на Спасовски во Министерството за внатрешни работи е видлив и истото го чувствуваат вработените.
Со овие измени што си ги предлага Спасовски, го озаконува своето досегашно незаконско работење и создава законски услови да продолжи со партиските чистки.