Денес е Светскиот ден на театарот. По тој повод, секоја година истакната личност од театарот пишува меѓународна порака во име на Интернационалниот театарски институтот (ИТИ), што УНЕСКО го формирал во 1948 година. Таа се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред почетокот на претставите во театрите низ светот.
Оваа година честа ја имаше режисерот на театарски претстави и опери, програмски директор на фестивали, Питер Селерс од САД. Во светската порака по повод Светски ден на театарот, тој вели дека театарот е уметничка форма на доживување.
„Во светот преоптеретен од празни прес кампањи, симулирани искуства, одвратни прогнозирања, како да се издигнеме над бесконечното повторување на броеви за да го искусиме квалитетот и едноставноста на животот, суштината на екосистемот, пријателството, квалитетот на светлината на чудното небо? Две години КОВИД-19, кој ги отапе сетилата на луѓето, го ограничи животот на луѓето, ги скрши врските, и не постави на чудна нулта точка во човечкиот хабитат. Кои семиња се потребни да се посадат и повторно насадат во овие години, и што е надраснувањето на инвазивните видови кои потребно е конечно и засекогаш да се отстранат? Толку многу луѓе се на работ. Толку многу насилство проникнува, ирационално или неочекуван.
Нам не ни треба да не забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање.
Театарот е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата, животните, капките дожд, солзите и регенерацијата.Просторот на еднаквоста и длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението. Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја направиме оваа работа заедно“, пишува Селерс во пораката.
Во Македонија, порака по повод светскиот ден на театарот упати Ана Стојаноска, театрологот, писателка и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје:
„Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде.Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ, не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот.
Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува.
Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени. Затоа е многу важно да го чуваме. Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас. Бидејќи ние го создаваме театарот – писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите на светло,
видеоуметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети, на нас е и одговорноста, да го чуваме театарот, да му овозможиме да се снајде и да преживее и во вакви времиња“, пишува во пораката Стојаноска.