„Веќе нема да бидеме толку конструктивни“ – Беса после разрешувањето на Зендели
Нема да дозволиме преседаните на актуелното мнозинство СДСМ-ДУИ да поминат во молк, изјави денеска, на прес-конференција во Собранието, пратеникот на Беса, Бастри Бајрами, а во врска со вчерашното разрешување на неговиот сопартиец Фадил Зендели од собраниската Комисија за избори и именувања.
„Сведоци сме дека последните три дена во Собранието се водеше расправа во која аргументите и процедурите беа надгласани од мнозинството, и покрај тоа што ние како пратеници на Беса бевме многу конструктивни и отворени за дијалог. Се чини дека актуелното мнозинство го сфати тоа како слабост и по секоја цена го разреши пратеникот Фадил Зендели од Комисијата за избори и именување“, рече Бајрами.
На прес-конференцијата присуствуваше и Зендели, а Бајрами истакна дека сите проекти, кои не се во интерес на граѓаните, туку се тесен интерес помеѓу владејачката коалиција, ќе добијат вистински одговор преку собраниските инструменти.
„Ние обезбедивме дијалог додека мнозинството СДСМ-ДУИ нуди деструктивност и сила. Затоа од утре ќе се соочат со максимална посветеност на движењето Беса, со сите демократски правни форми кои ни ги овозможува регулативата на Собранието и политичкото дејствување“, истакна Бајрами.
Според него, денеска се поставува прашање што подготвува власта, која, како што посочи, „по секоја цена бара да има мнозинство во Комисијата и дали се обидува да ги партизира јавните институции со именувања во Собранието”.