150 години од раѓањето на Гоце Делчев
Гоце Делчев е автентичен водач на македонското револуционерно движење. Познатиот македонски публицист, мислител и револуционер, Димо Хаџи Димов го именува како прв апостол на македонската револуција. Гоце е македонски револуционер од балкански размери. Нему му е туѓ секаков национализам и шовинизам. Тој мечтае за Балканска федеративна република како највисок дострел на збратимување на балканските народи. Главна кочница за реализирање на таа идеја, Гоце гледал во конзервативните балкански монархии, за кои Македонија е јаболко на раздорот.
Гоце високо го издигнал неговиот интернационален и космополитски поглед: Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Оваа мисла го вбројува Гоце во редот на светските хуманисти. Нејзината порака до денес не изгубила од својата актуелност.
Гоце е еден од гранитните столбови на самостојноста на македонското ослободително дело. Тој секогаш бескомпромисно стоел на браникот на самостојноста и самобитноста на македонското револуционерно движење. Христо Андонов Полјански истакнува дека Гоце Делчев е трибун на македонската самостојност и самобитност. Гоцевиот идеал е слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното населени. Негова максима е: Ослободувањето на Македонија лежи во едно внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, се лаже и себеси и другите. За да се дојде до саканата цел, според Гоце: секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон жртвување. Затоа Гоце смета дека: моралната револуција, револуцијата на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголема задача.
Гоце сосема јасно ја увидел опасноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави. Тој бил противник на секакво мешање на надворешните фактори во македонското ослободително движење. Тој одбивал секаква надворешна помош, поврзана со амбиција за манипулирање со македонското дело. Тој истакнува: Организацијата на македонскиот народ е нужна да го собори ропството над себе, а не да тргува. Гоце смета дека револуционерната борба треба да се води единствено со сопствени сили. Укажувајќи: Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив.
Мисли од Гоце Делчев:
„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“
„Ќе удри утринската зора и за нас…“
„Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!“
„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“
„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“
„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата; – или ќе водиме говеда на касапница“
„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите‘
„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…“
„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“
Слава ти Даскале!