Љутков: Мајчиниот јазик е сврзно ткиво коe движејќи се низ вековите и низ генерациите, на најдобар можен начин го определува нашето место под сонцето

„Мајчиниот јазик е сврзно ткиво коe движејќи се низ вековите и низ генерациите, на најдобар можен начин го определува нашето место под сонцето. Со него точно знаеме кои сме, од каде потекнуваме кон што се движиме и каде припаѓаме! Токму затоа, демократските држави во светот на овој ден преземаат серија на активности кои имаат за цел понатамошно да го зацврстат ставот кај луѓето и кај владите за големото значење на мајчиниот јазик“, истакна Зоран Љутков, претседател на комисија за култура и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик насловена „Мајчиниот јазик е идентитет“.

Љутков додаде дека јазикот е систем од знаци што служат за меѓусебна комуникација. Да, ова е една од најприфатените определби за јазикот во светот. Точно е тоа дека јазикот е најсложениот систем за комуникација на Земјава, но не поради бројноста и различноста на јазиците во светот, не и поради сложените граматички правила што постојат во нив. Тој е најсложениот систем за комуникација поради вредноста на духот што го носи во себе.

„Со овој дар што ни е даден се љуби и се мрази, со него се радуваме но и тагуваме, можеме да мечтаеме, ама и да страдаме, а со писмото сето ова го запишуваме, ставаме печат на нашето постоење. Писмото е неизбришлив белег за тоа што е создадено во минатото, за тоа што го живееме сега и за тоа што се задолжуваме во иднината. Тоа е непрекината низа печати за постоењето на човекот. Технологијата го движи светот напред, притоа, создавајќи и други системи за комуникација, но ниту еден од нив го нема надминато дарот даден од Бога за човекот , а тоа е јазикот.“, појасни Љутков.

Љутков посочи дека јазикот станува препознатлив нишан за специфичноста на секој народ одделно. Тој почнува да го придружува начинот на живеење на народот, отпрво пренесувајќи го сознанието од колено на колено, а потоа и со преточената мисла на пергаментот, хартијата, на писмото, создавајќи ја традицијата – стожерот за опстојување на секој народ. Меѓутоа, никогаш доста од повеќе и од поголема грижа за мајчиниот јазик!

„Никогаш доста од поголем институционален ангажман за заштита и за грижа на мајчиниот јазик! Конечно, никогаш доста од поголеми и посеопфатни залагања кои уште повеќе ќе ја зацврстат претставата во однос на потребата од уште поголемо негување на оваа наша особеност“, нагласи Љутков.