Кадиевска Војновиќ: Иако енергетската криза го стеснува просторот за капитални инвестиции ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија ќе изнајде механизми за реализирање на ветеното

„Промената на власта покажа токму дека граѓаните не беа задоволни од претходните локални власти и го дадоа мандатот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ токму од причина да се средат состојбите на локално ниво. Меѓутоа мене ме плаши фактот дека она што се затече на локално ниво е голема рефлексија на она што се случува на централно ниво. Кога зборувам на централно ниво, тоа е целокупниот буџет на Република Македонија којшто за мене и за идните генерации, јавно кажувам е во критична ситуација“, ова го истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска Војновиќ на денешната дискусија на тема „Што наследија општините“ во рамките на настанот “ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА”-100 дена градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

Кадиевска Војновиќ исто така зборуваше и за тоа каква состојба наследија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во општините.

„Кај општините наследивме раст на долгот, а исто ќе наследиме и кај централната власт. Наследивме високи доспеани, а не наплатени обврски кон добавувачи од јавен и приватен сектор. Истото важи и за општините и за централната влада. Наследивме високи расходи за разни трансфери, а тоа е една категорија во сива зона и треба да се гледа по конта каде се отидени парите, а во најголем дел на случаи може и иницира на некое незаконско трошење. Наследивме високи договорни услуги како на локално така и на централно ниво и договорни услуги се оние услуги каде што по сите меѓународни извештаи можеби може да се најде кај стои корупцијата во нашата држава“, потенцираше Кадиевска Војновиќ.

Таа исто така истакна дека иако е пораснат долгот, ниту општините ниту централната влада имаа раст на капиталните инвестиции,  а тоа значи дека долгот не се креираше за локален развој, ниту пак за развој на државата.

„Има ниска наплата на сопствени даноци, пред се на данокот на имот како извор на приходи и ниска финансиска транспарентност и отчетност на општините. Сѐ ова заедно со енергетската криза којашто ги погоди не само домаќинствата и бизнисите, приватните бизниси и локалните власти, сето ова го стеснува просторот за капитални инвестиции, меѓутоа ова не значи дека не треба да се реализираат и не треба ВМРО-ДПМНЕ како одговорна политичка партија да бара механизми и начини да ги реализира сопствените ветени проекти“, додаде Кадиевска Војновиќ.