ФОТО: Мистериозна фирма без да ги почитува градежните стандарди, лепи плочки и кречи во зградата на Интерни клиники
Наместо чисти ходници по болниците за влез до салите за операции, во македонското здравство има урнатини, прашина и градежен шут. Додека министерот за здравство Венко Филипче не убедува дека нашето здравство блеска и се е совршено, во државата граѓаните имаат болници на лик на кои ги имаат земјите од Африка.
Започнатото реновирање на зградата на Интерни клиники од пред петнаесеттина дена никако да заврши иако истото се сведува главно на шминка, или средување на ходниците. И наместо организација и ефикасна работа со цел реновирањето да заврши побрзо, граѓаните кои треба да прават операции треба да поминат низ ходник со шут и прашина.
Сепак доколку треба, а треба да се среди овој дел на зградата на овие клиники, кога веќе нема абер од нов клинички центар, тогаш мора фирмата да работи по стандарди. Секое утро пациентите и вработените кои доаѓаат на клиниките во зградата на Интерна медицина, а тоа се Клиника за пулмологија, Клиника за ендокроинологија, Клиника за ревматологија, Клиника за нефрологија, Клиника за дерматовенерологија и Клиника за гастроентерохепатологија, се зачудени како може да се изведуваат градежни работи, а во исто време да се прегледуваат и хоспитализираат пациенти.
-Градежната компанија, доколку е компанија, наместо да ги запазува сите стандарди за градење, го загрозува здравјето на пациентите и вработените. Секое утро има огромна прашина во ходниците на зградата, скелињата се по скалите, а под нив и околу нив поминуваат пациенти. Нема никаква заштита ниту запазување на стандардите за безбедно градежништво, а со тоа директно се загрозува како здравјето на пациентите кои што се дојдени на преглед, така и оние кои што лежат и се хоспитализирани, коментира нашиот извор.
Револтирано укажуваат медицинските лица дека можеби клучно е што сето ова можеше да заврши во летниот период. Во овој период од една страна има помала фреквенција на пациенти, а од друга до први септември поради ситуацијата со короната во едно деноноќие дали имало понекогаш и само по околу пет пациенти.