Учениците гневни на Царовска, бараат настава со физичко присуство

Образовниот процес во Македонија е пред целосен колапс. На само 3 дена од стартот на учебната година Министерството за образование и наука и Мила Царовска се соочуваат со протести во знак на револт за онлајн наставата од страна на учениците ширум државата.

Имено, учениците од Струга, Тетово, Дебар, скопското село Љуботен преку мирни протести го изразија незадоволството за онлајн наставата, притоа барајќи враќање на настава со физичко присуство. Како што велат не само што немаат услови за следење на наставата, туку и квалитетот на образованието со онлајн настава е поразличен од настава со физичко присуство.

-Нема да се откажеме од нашите барања, бараме итно враќање на настава со физичко присуство, бидејќи преку платформата за онлајн настава се соочуваме со потешкотии, квалитетот на образованието не е ист, вели еден ученик.

Учениците предупредуваат дека образованието во Македонија треба да биде бесплатно, а дека тие протестираат и бидејќи се соочуваат со дополнителни трошоци за интернет и компјутери преку кои треба да ја следат наставата.

-Иако образованието треба да биде бесплатно, ние сега се соочуваме со дополнителни трошоци, имаме проблем со платформата, интернетот, компјутери, лаптопи. Ова не може да вака долго да функционира нам ни треба под итно решение за овие проблеми, државата е должна да ни обезбеди услови за соодветно образование, рече еден од ученици.
Министерката Царовска пак за бојкотот на наставата од страна на учениците одговарајќи на новинарско прашање рече дека учениците се однесуваат неодговорно и дека сите носат одговорност за заштита на јавното здравје.

Додека пак заменик министерот за образование Арафат Шабани вели дека протестите за бојкот на наставата од страна на учениците се политизирани.
„Еднаш треба да се направи разлика меѓу образование и политика. Колку што гледам јас последниве денови разни политички кругови почнаа да ги политизираат образовните прашања“, вели Шабани.

За потсетување, учебната година почна со еден месец задоцнување, само учениците од прво до трето одделение следат настава со физичко присуство, додека погорните одделенија наставата се одвива преку онлајн платформа. Царовска пред самиот почеток на учебната година на прес конференција рече дека дури 40.000 ученици немаат компјутери за следење на онлајн наставата, но до сега нема никаква најава за обезбедување на компјутери од страна на власта и министерството. Но, не само учениците со недостаток од опрема за онлајн настава се соочуваат и просветните работници.