Угостителите против новите рестрикции, бараат унифицирани протоколи

Нови 82 случаи на Ковид-19 беа регистрирани во текот на вчерашниот ден, што е благо намалување во однос на претходните денови. Сепак, Владата со цел превенција од ширење на вирусот, деновиве воведе нови ограничувања во работата на угостителските објекти. Токму ова предизвика реакција кај угостителите, кои најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите, оценија дека со рестрикциите нема да се намали бројот на заболени и побараа унифицирани протоколи.

Новите мерки кои Владата ги прифати како препорака од Комисијата за заразни болести се забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири.

Ова вчера предизвика реакции кај угостителите кои најавија доброволно затворање на објектите на две недели, но сметаат дека новите ограничувања нема да го решат проблемот со зголемениот број заболени. Не ни требаат крпеници од протоколи, туку унифицирани препораки за целокупната угостителска индустрија, наведе вчера Независната угостителска комора (НУК).

Според НУК, новите ограничувања ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.

Претседателот на Комората, Здравко Јосифовски вчера изјави дека многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да ги зголеми ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат.

Тој предупреди и дека новите промени во протоколите ќе ги поттикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа, што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести со кои ќе се срушат сите изградени мостови на комуникација и можност за надминување и решавање на проблемите по пат на дискусии и дебати.

По реакција на угостителите, надлежните посочија дека се подготвени да разговараат, но мислењето на експертите останува клучно.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вчера посочи дека мерките за угостителските објекти се предлог на Комсијата за заразни болести и Владата целосно ќе ги почитува. Сепак, појасни, институциите се подготвени да им излезат во пресрет на угостителите и да разговараат со нив ако имаат тешкотии.

– Но, тука сме да разговараме и да им излеземе во пресрет на угостителите ако имаат тешкотии. Зголемување на ингеренциите на Државниот пазарен инспекторат предложив јас лично кога имавме вонредна ситуација, тоа веќе се разгледува во Владата и очекуваме да се донесе таква одлука, рече Бектеши.

Министерот најави и зголемување на ингеренциите на Пазарната инспекција. Сите институции, оцени, посебно оние што вршат директен надзор, треба да одлучуват навремено за да не се повторуваат случаите на непочитување на здравствените мерки и протоколи.

Апел за почитување на мерките, упати вчера до угостителите и премиерот Зоран Заев.

Тој побара разбирање за новите мерки за заштита од вирусот и повика како што се почитуваат барањата на уметниците и на различни економски сектори, да се почитува и мислењето и предлозите на Комисијата за заразни болести бидејќи се во интерес на заштита на здравјето на сите граѓани.

Според премиерот, постои можност не само парично да се казнува, туку и да се затвори угостителски објект кој нема да ги почитува мерките. Таа надлежност, како што посочи, ја имаат инспекторатите или МВР.

– Свесни сме дека е важен и економскиот дел и егзистенцијата на уметниците кои настапуваат во угостителските објекти, но, сепак, здравјето е доминантно и Владата ја донесе одлуката заради здравјето на граѓаните. Бројките растат, доаѓа зима, сите треба да бидеме дополнително внимателни, рече Заев.

И Комисијата за заразни болести вчера излезе со реакција по обвинувањата на угостителите. Според Комисијата, препораките за новите мерки целосно се темелат на анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со КОВИД-19.

-Новите мерки и малата промена на протоколите, апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани, посочија преку соопштение.

Според директорот на Здравствениот дом Скопје и член на Комисијата за заразни болести Виктор Исјановски, донесените мерки за работата на угостителите се добри за во иднина. Тој смета дека не сите угостители ги кршат протоколите и затоа не треба да се оди кон нивното ригорозно затворање или санкционирање. Но, посочи дека ако продолжи растот на бројот на заболени, знаејќи дека доаѓа еден тежок зимски период со вирози и грип, ќе биде потребно да се преземат соодветни мерки понатаму.

-Големите собирања како што се свадби се многу зачестени, се собираат до 500 или 600 луѓе, а во дискотеките дури до две илјади. Ова е ризик не само за тие кои учествуваат во дискотеките, туку и за домашните, и за најблиските, за сите кои ги почитуваат мерките, истакна вчера Исјановски.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата заклучно со вчерашната статистика на Министерството за здравство изнесува 18873. Бројката на оздравени пациенти е 15 487, а на починати е 760. Активни се 2 626 случаи, а 366 се хоспитализирани.