Папагали отстранети од зоолошка градина: Многу ги пцуеле посетителите
Пет папагали од видот „Африканско сиво“ се верува дека си биле „лошо влијание“ и се разделени откако почнале да пцујат по посетителите. Од зоолошката градина „Линколншир“ сметаат дека папагалите меѓусебно се научиле да пцујат.
Папагалите Били, Елси, Ерик, Џејд и Тајсон се придружиле на колонијата од 200 папагали во август, но наскоро тие започнале да се учат на пцуење.
„Ние сме навикнати папагалите да пцујат, но никогаш досега немавме видено како тоа го прават пет папагали истовремено. Поголемиот дел од папагалите набрзо стануваат тивки, но овие пет папагали не престануваа со зборење“, истакнал директорот на Зоолошката, Стив Николс.
Набрзо по формирањето на оваа „улична банда“, папагалите биле разделени во различни делови на зоолошката, за да не си влијаат негативно.
Директорот на Зоолошката нагласил дека досега не стигнала жалба за папагалите, но тие биле разделени поради најмладите посетители. Од зоолошката се надеваат дека во поинакво друштво папагалите ќе комуницираат со звуци препознатливи за расата „Африканско сиво“.
„Посетителите сметаат дека оваа појава е возбудлива и смешна, досега не сме имале жалби. Кога еден папагал ќе ве „отера“, тоа носи насмевки на лицата, што е реткост во една ваква тешка година“, соопштил директорот Николс.
Зоолошката градина „Линколншир“ е живеалиште и на папагалот Чико, кој се најде во многу медиуми откако во септември се прослави со неговата способност да пее поп песни, меѓу кои и „If i were boy“ на Бијонсе.