Uncategorized НЕ СЕ КРИВИ ЛУЃЕТО, ТУКУ СИСТЕМОТ Ажурирано Oct 30, 2020 Сподели Закажување и откажување на внатрепартиски протести и контрапротести, пресови и соопштенија, одбрана и контранапаѓања, заземање на страни во зависност од личности, убедувања дека мене ме сакаат.. не не, мене…слуги, печалбари, должници на партијата… Сето ова се случува меѓу нас кои со години сме биле заедно и сме имале една иста цел. Меѓу нас, а со години сме работеле заедно во комитетите и на терен, со љубов и срце кон еден идеал како нешто најсвето што не привлекувало и собирало дури и без зборови, доволен бил еден меѓусебен поглед. Од најдобри другари, колеги, соработници, а пред се сопартијци, сега има пресметки, за среќа само вербални, по социјалните медиуми, по лични статуси, коментари, партиски или слични “дешавки”, полни со омаловажувања и лични навреди. Многу луѓе не гледаат и слушаат и не можат да поверуваат и предвидат до каде ли ќе стигне работава, додека од друга страна политичките конкуренти се радуваат на нашето разединување и “ракоплескаат” на нашата лакомост, егоистичност и себичност, свесна или несвесна, сеедно. А сето ова немаше да се случува да се случеше она што требаше да се случи, како што беше претходно најавувано! Господски, достоинствено, со крената глава, бидејќи зборот е збор! Се поставува прашањето: тоа што во моментов се бара или нуди како опција ќе ги среди околностите и ќе ја смири и регулира ситуацијата, па сите сплотени како “мали деца со играчка” ќе продолжиме напред во нови победи??? Една страна вели ќе правиме вонреден конгрес, ама со делегатите од претходниот, друга страна си чека редовен со делегати од демократскиот статут, трети бараат оставка… кој знае што ќе излезе како следен предлог. Едните се жалат дека не ги пуштаат да си одат, други дека не ги пуштаат да дојдат… Додека повеќе играчи билдаат рејтинг кој е повеќе сакан и има поголема поддршка со многу лајкови и споделувања, следено со спорадични директни и вулгарни навреди од поединци како доказ за лојалност кон “водачот”, што е само слика на нивната култура и воспитување, разочарувањето е се поголемо во оние кои треба да претставуваат модел и поистоветување со напредокот и иднината, стабилноста и сериозноста… Сите тие треба да се прашаат, додека погрдно пишуваат и лепат етикети, дали можеби од “другата страна на линијата” е човек кој во моментот има различно мислење, а како член на ВМРО-ДПМНЕ минал многу километри на терен со кесите во рака. Дали вреди да се падне толку ниско и да се квалификуваат неистомислениците дека се предавници и печалбари? Можеби и веројатно има такви, од причини познати за нив, но погрешно и малициозно е да се генерализира со скриени и лукративни мотиви. Престанете, така повеќе тонете. Дајте аргументи, дајте рацоналност, дајте почитување. Бидете господа! Дали некој мисли дека членството не разбира дека понудите и барањата се исти, а различни делегатите? Дали некој мисли дека се ќе биде во ред по редовен или вонреден конгрес со стари или нови делегати на кој веројатно ќе се именува како нов човек тој што е на првото и најблиско столче? “Атомски с’ леве стране”? Дали некој мисли дека не разбираме дека спортот е ист, а различни се само играчите? И управниот одбор е ист, вклучително и селекторот… Дали некој мисли дека не гледаме дека театарот и претставата се исти, а различни се актерите? Оваа партиска ситуација и околности се производ на систем кој досега функционирал, но време е да се промени. Не е прашање на личности. Прашање е на систем. Системот ги одредува личностите. Овој систем почна да ни носи судири, конфронтации, не разединува… затоа треба да се смени! На десет изборни победи воопшто не ни требало конгрес, ако некој се прашува зошто порано не е потегнато прашањево. А и зошто би бил потребен, да го смениме победничкиот тим? Запирањето на меѓусебните пресметки, основани или не, ќе се случи со позитивна енергија и почитување, а тоа може да биде иницирано со промена на системот и давање доверба НА ЧЛЕНСТВОТО! Членството треба да ја има моќта да одлучува за изборот на луѓето кои понатаму ќе ја спроведуваат нивната воља, претставена во политички ставови, стратегија и активности кои компетентни луѓе ќе ги спроведуваат на дело. Партиските функционери треба да го добиваат мандатот и да се “плашат” од членството, а не обратно!Пишува за ZBOR.COM.MK Игор Доневски Сподели FacebookTwitterViberWhatsAppTelegramPinterest