Ерменската powerlifting федерација (АПФ) објави дека повеќекратниот државен шампион во кревање тегови Татул Харутијан (33) е убиен во борбите во Нагорно Карабах.
Веста за смртта на Харутијан беше објавена на Фејсбук без детали.
„Со голема тага известуваме дека при борбите бил убиен член на АПФ, повеќекратниот шампион на Ерменија и добар пријател Татул Харутјан. Почивај во мир, хероју “, се наведува во соопштението.
Пред десетина дена, Ерменија и Азербејџан се обвинија едни со други за прекугранични напади, а двете земји го отфрлаат притисокот од меѓународната заедница да одржат мировни преговори бидејќи нивниот конфликт во регионот Нагорно Карабах се претвора во вистинска војна.
Двете земји пријавија прекугранични престрелки западно од отцепената област Нагорно Карабах, што предизвика судири меѓу азербејџанските и ерменските сили.
За време на викендот, Баку објави дека вториот по големина азербејџански град Гања е гранатиран од ерменска страна, а Ереван тврди дека азербејџанските сили го гранатирале Степанакерт, голем населен центар во Нагорно Карабах со мнозинско ерменско население.
Овие конфликти се една од најлошите ескалации во историјата на споровите околу Нагорно-Карабах, енклава со мнозинско ерменско население. Судирите започнаа на 27 септември.