Дејан Јовановски: ЧЛЕН – ГЛАС
Резултатите на овогодинешните парламентарни избори предизвикаа (не)очекуван развој на околностите во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, од утврдувањето на грешките пред и за време на изборната кампања до преземањето на одговорност за изборниот пораз. Неминовна беше појава на незадоволство и негативна атмосфера, па оттука натаму единствениот можен правец води кон реорганизирање и внатрешни промени со цел формирање на нова стратегија и нов состав на партиските органи во понатамошната политичка борба.
Најпрвин беше сменет Извршниот комитет како политичко-извршен партиски орган, а на истата седница на Централниот комитет оставка даде генералниот секретар и се избра нов. Во меѓувреме, на дел од претседателите на општинските комитети мандатот им е продолжен, за другиот дел се распишани огласи за избор. Во новиот состав на Собранието на Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ влегува со релативно изменета пратеничка група, со што генерално се заокружуваат постизборните внатрепартиски промени.
Различни групи на членови на партијата не се согласуваат со сегашната реконструкција и поставуваат одредени барања и предлози за понатамошното функционирање кои се сведуваат на промена на системот на избор на партиските функционери и барање за вонреден конгрес на кој би се утврдила довербата кон претседателот на партијата.
– Промена на системот на избор на партиските функционери
Со носењето на новиот статут направени се неколку измени и дополнувања кои се однесуваат на составот и правото на глас во Централниот комитет и Конгресот, како и одредби кои се со одложено стапување на сила (01.01.2022год) а се однесуваат на општинските комитети. Имено, Собранието на Општинскиот комитет ќе предлага тројца финални кандидати за претседател на Општинскиот комитет, а за конечниот избор ќе одлучува претседателот на партијата.
Аргументите на незадоволство се што претседателот на партијата непосредно или со големо влијание ги именува/предлага носителите на партиските функции, а истите тие го сочинуваат составот на органите кои одлучуваат за довербата на партијата кон својот лидер, односно ЦК и делегатите на конгрес. Вулгаризирано – ги бира оние кои го бираат, па оттука и сомневање во можноста на продуктивна аргументирана дебата и застапување на различни ставови без страв од негативни консеквенци.
Доколку мандатот на општинските претседатели доаѓа од членството на комитетот, тоа суштински го менува нивниот кредибилитет и легитимитет:
- избрани се од членовите на комитетот каде делуваат и ја имаат најголемата локална поддршка
- слободно и без страв од санкции за нивниот мандат може да застапуваат различни ставови од другите, да даваат мислења и предлози, да гласаат повеќе по свое убедување.
Во таква констелација на високото раководство со општинските комитети ќе има баланс на одговорноста во функционирањето каде “големата слика” и генералната стратегија ќе ја водат централните партиски органи, додека ОК-и ќе добијат поголема автономија и независност, но истовремено и поголема одговорност за својата работа. На тој начин Централниот комитет и Конгресот ќе добијат на вредност и ќе имаат поголема тежина, наспроти сегашниот поглед кој истите ги гледа како гласачка машина.
– Барање за Вонреден конгрес
Новиот статут го регулира свикувањето на Вонреден конгрес – имајќи предвид дека свикување на вонреден конгрес се состои од две гласања на Централниот комитет – барање и изгласување, барањето за вонреден конгрес треба да биде поддржано од една половина од вкупниот број на членови на ЦК (претходно една третина), додека изгласувањето на самиот конгрес останува исто со две третини. Составот на делегати на изборен конгрес го сочинуваат членовите на Извршниот и Централниот комитет, пратениците, претседателите и членови на униите и другите облици на здружување во рамки на партијата.
Аргументите се исти или слични. Недовербата се укажува на можноста на свикување на конгрес преку гласање на ЦК, како и на составот и објективноста на одлуките на делегатите на Конгресот кои се од редот на веќе споменатите партиски функционери, а кои директно или индиректно се избрани или одобрени од првиот човек.
Еден од предлозите е да се свика Вонреден конгрес со делегатите од минатиот состав и да се формира претседателство кое ќе направи статутарни измени како основ за нов конгрес, а се однесува на гласање доверба на претседателот.
Доколку се одржи конгрес надвор од рамките на официјалните партиски структури во однос на неговото изгласување, односно не е изгласан од ЦК, тој не би имал легитимност, па истата ќе треба да ја докажува во судска постапка пред надлежен орган.
Второто прашање е зошто конгрес со претходните делегати би барал легитимитет, наспроти следниот редовен конгрес во декември 2022 година, кога составот и начинот на кој делегатите се избрани е ист, а различни се само имињата. Одговорот е во несвикување на претходно најавен конгрес во случај ВМРО-ДПМНЕ да не победи на последните парламентарни избори и не формира влада, па во таков случај составот на претходниот конгрес како највисок партиски орган е единствената опција да се “прескокне оспоруваното гласање” на Централниот комитет. Ова отвара неколку дилеми и веројатно судска разврска.
Се поставува и прашањето каков ќе биде составот на претседателството и од каде ќе го добие својот кредибилитет и легитимност. Во Судскиот регистар актуелниот претседател е запишан како овластено лице, а “политичката партија е должна за изборот на нов претседател, односно на лице кое ќе ја застапува и претставува политичката партија, како и избор на ново лице , односно лица одговорни за материјално-финансиското работење на партијата, да го извести Судот и да му достави одлука за избор на овие лица и записник од седницата на која е извршен изборот”, согласно Законот за политички партии, па оттука можен заклучок е дека истиот не препознава претседателство како облик на застапување и претставување и директно бара избор на претседател.
Единствен начин да се тргнат сите сомнежи и недоверба, а од друга страна да се добие полн легитимитет во изборот на носителите на партиските функции од локално ниво, преку централните органи па се до претседател на партијата е да се даде можност на гласање и избор од страна на членството.
Можеби постои дилема дали сме подготвени за вакви промени, дали ќе одговориме на предизвикот, дали ќе го направиме вистинскиот избор….дали ќе има пречки и несакани моменти при внатрепартиските избори?
Веројатно да. Но, наша должност и обврска е да се избориме со таквите рецидиви на примитивизам и малициозни намери. Таквата позитивна промена ќе не однесе на ново повисоко ниво на функционирање и многу луѓе ќе се вратат со поддршка за партијата кога ќе знаат дека нивниот глас се слуша и вреднува. Несогласувањата и непризнавањето на легитимноста во рамките на партиските органи ќе биде неоснована, бидејќи со мнозинство ќе одлучува самото членство. Губење на избори не мора да значи и автоматски симнување од функција, напротив, за тоа ќе одлучуваат членовите.
Од друга страна, со целосна почит за сите, односот на функционерите ќе се промени и ќе стане уште посовесен, нема да има затворен комитет или централен штаб, слухот за членовите ќе се зголеми и изоштри, па од нивен интерес ќе биде брзо и ефикасно да ги завршуваат своите задачи и обврски, бидејќи од тоа ќе зависи нивниот следен мандат.
Добивањето на глас за секој член повлекува одговорност и за членството. Луѓето кои ќе се изберат ќе бидат излогот и машината на партија, таа ќе го има “ликот” за кој членството ќе одлучи. На патот кон победа на избори веројатно е дека секој член доволно ќе размисли и разумно ќе реши кој е неговиот конечен избор како додадена вредност за тимот кој очекуваме да победи, со што ќе сподели одговорност со сите партиски функционери, вклучително и претседателот.
ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на членството и тоа е способно да одлучи за својата иднина.