Власта не го почитува правото на образование загарантирано со Устав, образованието е право, а не привилегија
Учебната година наместо на клупите почна на улица со протести во повеќе градови во Македонија. Голем број ученици на ваков начин одлучија да го изразат револтот кон државата и министерството за образование барајќи физичка настава со цел да се овозможи образование за секој еден ученик.
Учениците се одлучија на ваков чекор бидејќи во Македонија повеќе од 40.000 ученици немаат компјутер и пристап до интернет, што значи дека учебната година за нив не започна и нема ни да започне.
Според Уставот на Македонија секој има право на образование. Членот 44 е јасен дека образованието треба да е достапно за секого под еднакви услови. Законите велат дека основното и средно образование се задолжителни за секој граѓанин и во јавните установи тоа е бесплатно и еднакво за сите. Сепак така не мисли и македонската влада.
Владата предводена од СДСМ се реши целосно неподготвена да ја започне учебната година. Иако имаа цели 6 месеци да се подготват за учебната година тие решија тие месеци да ги преспијат. Конечно на 1 септември кога требаше да почне учебната година се решија истата да ја одложат за 1 октомври и оттогаш да го прават планот како би изгледала истата, за да на крај одлучат дека во поголемиот дел од државата учениците од прво до трето одделение ќе следат настава со физичко присуство, а сите останати онлајн, освен во минимален број училишта каде сите одделенија ќе следат настава физички или комбинирано.
Сето тоа можеби ќе беше во ред доколку навреме се направеше добар план како ќе изгледа таа онлајн настава и доколку се овозможеше секој да ја следи. Но, тоа не се случи. Онлајн платформата која ја направија крахираше уште пред да започне учебната година, а наставниците, професорите и учениците недоволно се запознати како да ги користат алатките и како ќе се снајдат со истата. Дополнително на тоа 40.000 ученици не можат да следат настава онлајн бидејќи немаат компјутер и интернет и наместо по закон државата да им овозможи следење на настава, засега ги оставија родителите и учениците на цедило сами да се снаоѓаат.
Тоа што зачудува во целата ситуација е што пандемијата е тука од месец март и ако тогаш ги изненади, сега власта знаеше со што се соочува. Оттогаш имаше доволно време да се подготват, да ги утврдат сите недостатоци и да направат план како овој голем број на ученици нема да биде лишен од своето право загарантирано со Устав. Наместо тоа власта на 1 октомври реши дека ќе направи план како да набави опрема за овие деца, а додека не се набави тие нема да можат да учат.
Токму поради сето ова се случија бојкотот на онлајн наставата и протестите на улица, бидејќи како што порачаа учениците образованието е право, а не привилегија за одреден број на луѓе. Поради тоа што власта наместо да се подготви навремено, таа сега експериментира, а тие порачаа дека не се лабораториски глувци, туку ученици.