16 случаи на корона во македонски ракометен клуб, целиот тим во изолација

Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 информира дека по натпреварот од второто коло на македонската суперлига во ракомет, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за вирусот Ковид-19 (покачена температура, губење на вкус и мирис).

-Поради ова клубот како институција која е максимално одговорна кон своите играчи и вработени веднаш изврши Ковид тестирање во Клиника Жан Митрев (преку брис од нос и грло) на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по кое се откриени 16 Ковид-19 позитивни резултати.Според прописите за третман на лица кои се Ковид19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови, информираат од ракометниот клуб.

Оттаму потсетуваат дека пред стартот на подготвоките на тимот пред оваа натпреварувачка сезона, клубот бил еден од ретките кои направил комплетно теститрање на играчкиот погон во првиот тим и младинските категории, како и на комплетниот стручен штаб и клубската логистика, при што навремено беа откриени два случаи позитивни на Ковид-19 вирусот и истите беа изолирани и излечени.

-За крај, апелираме до сите клубови и целокупната јавност да се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, со една единствена цел, спречување на понатамошно ширење на вирусот Ковид-19, стои во соопштението од клубот.